Достапни линкови

Дневен печат – Корупција и преговори за нова влада


Средба на Никола Груевски и Али Ахмети на 7 декември 2012
Средба на Никола Груевски и Али Ахмети на 7 декември 2012

Падот на листата за Транспаренси интернејшнал за перцепција на корупцијата и преговорите за нова влада се главни теми во дневните весници. Провладините медиуми продолжуваат и со темата за десоросизација.

„Проблемот со корупцијата ескалира“ – информираат Утрински и Нова Македонија, пренесувајќи ја „Транспаренси интернешенел“ дека Македонија е меѓу осумте земји во светот кои имаат најголем пад во рангирањето на Индексот на перцепција на корупцијата во 2016 година. Земјава е во друштво со Мозамбик, Мавританија, Тринидад и Тобаго, а единствената друга земја од Европа е Белорусија. Слободен печат веста ја објавува со наслов: „Ние и Колумбија шампиони во корупција!“

Без да ја објави основната вест, Дневник информира за прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ на која било кажано дека „Назадувањето во борбата со корупцијата е резултат на работата на Спасовски, Ременски и на СЈО“.

Изјавата на еврокомесарот Хан при настапот пред Парламентраното собрание на Советот на Европа дека е потребен „широк политички консензус за иднината на Македонија“, што ја објавија печатените медиуми, се чини предизвика недоумица во некои политички кругови во земјава, па ден потоа го објавија дообјаснувањето од порпаролката на Хан, Коцијанчич, што го пренесе дописникот на државната агенција МИА од Брисел: првиот човек за проширување на Унијата не барал создавање широка владина коалиција, туку коалиција околу стратешките цели на Република Македонија, што пред сè, било интеграција во ЕУ.

Според медиумите, преговорите ВМРО-ДПМНЕ - ДУИ за формирање Влада сè уште траеле, а Слободен печат објави: „Ахмети на две столчиња – за СЈО со Заев, за двојазичноста со ВМРО-ДПМНЕ, брифираат партиски извори, а партиите официјално негираат дека е постигната согласност околу двојазичноста, но не можеле да се договорат околу СЈО“ – пишува весникот.

Покрај вестите за тоа какво е времето, состојбата на патиштата, за тоа дека скопјани се селеле во Свети Николе каде што никнувала нова елитна населба, Вечер се занимава и со СДСМ: пренесувајќи го пишувањето на Дневник, објави наслов: „Пука по шевовите во опозицијата – незадоволство во СДСМ: Ако добие шанса да прави Влада, Заев не смее да ја прифати Платформата на албанските партии“.

Во фокусот на Вечер е и таканаречената десороизација, и повторно го пренесува пишувањето на Дневник: „Во наредните пет години соросоитка од Албанија ќе ги дели буџетските пари на САД во Македонија!“ Вечер објавува и свој текст со наслов: „Тонат сегде и се држат сегде – македонските соросоиди се креваат на протест- Трамп ќе ги остави без пари откако потпиша указ со кој на илјадници соросови организации ширум светот им скратува пристап до 600 милиони долари годишно – соросоидите од Македонија и Балканот се подготвуваат за протести. Новиот хаос го најави новата благајничка на Сорос за Балканот, Албанката Делина Фицо, поранешна сопруга на Еди Рама“ пишува Вечер.

Не секаде поминува судирот на интереси: „Се тресе фотелјата на Иво Ивановски во Телеком Австрија“ – информира Утрински, пренесувајќи дека во Австрија се отворило прашањето за конфликт на интереси на македонскиот ексминистер со секторот што го води во австриската телекомуникациска компанија. Ивановски морал да чека три години за да се вработи во ист сектор, а прашањето го отвориле Партијата на зелените со прашање до министерот за финансии, и првиот човек на „Транспаренси интернешенел“ во Австрија.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG