Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ молчат, Брисел гледа ден потоа


Еврокомесарот Јоханес Хан со лидерите на партиите потписнички на Пржинскиот договор.
Еврокомесарот Јоханес Хан со лидерите на партиите потписнички на Пржинскиот договор.

Партиите или не коментираат или даваат неконкретни изјави за вчерашниот апел од европратениците и еврокомесарот Јоханес Хан упатен до сите политички лидери. Аналитичарите, пак, изјавата ја толкуваат како апел упатен за по 29 јануари, ако дотогаш ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не успеат да формираат влада.

На три дена пред истекот на рокот за формирање влада, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не откриваат ништо. Партиите или не коментираат или даваат неконкретни изјави и за вчерашниот апел од европратениците и еврокомесарот Јоханес Хан упатен до сите политички лидери - „да најдат, во целосна согласност со крајните законски рокови, заеднички основи за формирање стабилна, цврста и одговорна влада“. Според нив таква коалиција би требало да се собере околу силниот, инклузивен, реформски консензус и меѓуетничка соработка

„ВМРО-ДПМНЕ на изборите победи и ја доби поддршката од народот да состави влада. Највисоките органи му дадоа согласност на претседателот и мандатар Никола Груевски да ги води преговорите за влада“, вели партискиот портпарол Иво Котевски.

Од ДУИ молчат за апелот на странците, а од СДСМ велат дека прашањата врзани за формирање влада треба да бидат упатени до оној кој во овој момент го има мандатот.

Во манирот на европската дипломатија, изјавата остава простор за разни ориентации на идната влада од кои клучни се реформите, коментира аналитичарот Алберт Муслиу. Но тој оваа изјава не ја гледа како порака за до недела, кога истекува уставниот рок за формирање мнозинство, туку за потоа.

„Како што се стеснува временскиот рок на мандатарот се бараат евентуално други можни решенија ако формирањето на класична политичка влада оди тешко. Мандатот завршува в недела, а немаме јасни сигнали што се договора или е веќе договорено“, вели Муслиу.

Дополнителна нејасностија во јавноста предизвика и тоа што Брисел бара стабилна и цврста влада, која се чини невозможна во каква било комбинација. Без разлика дали ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, изборните резултати упатуваат на тоа дека таа влада нема да има стабилно мнозинство. Во сегашните преговори ситуација ја компликуваат и гласините дека ако ДУИ одлучи да оди со ВМРО-ДПМНЕ можно е дел пратеници да го напуштат Ахмети, посочува Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки. Според него како поминува времето се повозможна станува опцијата за широка коалиција.

„До тоа би дошло ако по 29 јануари и СДСМ не успее да формира влада и на крајот би се обиделе во еден таков формат да функционира земјава, затоа што имаме локални избори, незавршени работи од Договорот од Пржино, а и од сите страни доаѓаат апели за непречено функционирање на СЈО“ вели Гаџовски.

Во заедничката изјава за состојбите во Македонија членовите на Европскиот парламент Едуард Кукан, Кнут Флекенштајн, Иво Вајгл и еврокомесарот Хан апелираат и до сите политичари и да продолжат со силната работа и да го забрзаат спроведувањето на Договорот од Пржино и итните реформски приоритети и да го поддржат Специјалното јавно обвинителство кое, како што наведуваат мора да има време и ресурси да ја заврши својата работа на независен и неполитизиран начин.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG