Достапни линкови

Изборите последно, а не најдобро решение за кризата


Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски гласаат на предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016
Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски гласаат на предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016

Остануваат уште неколку опции да се искористат, пред да се оди на избори. ВМРО-ДПМНЕ ја форсира идејата со изборите, оти не сака да премине во опозиција. Предвремени избори не му одговараат на СДСМ, а и партиите на Албанците тешко ќе ја образложат таа идеја пред гласачите.

Во најновиот развој на политичките случувања, изборите се последно, а не најдобро решение за ситуацијата, сметаат аналитичарите. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ смета дека сега откако мандатарот Груевски не успеа да формира мнозинство, изборите се зрело решение, има за цел да не му дозволи на Социјалдемократскиот Сојуз да обезбеди парламентарно мнозинство, вели политичкиот аналитичар Митко Гаџовски.

„Секако дека сите правни лекови не се искористени целосно. Претпоставувам дека во наредниот период и СДСМ ќе се обиде да направи влада. Доколку тоа не се случи, едно од решенијата е техничка влада или широка коалиција, која би имала одредени задачи што треба да ги исполни во одреден временски период, како што се на пример, препораките од Прибе. Доколку не може да се формира таа широка коалиција, изборите остануваат како последно решение,“ изјави Гаџовски.

И аналитичарот Алберт Муслиу смета изборите не се излез од политичката криза, особено затоа што сите опции за надминување на истата, не се исклучени. Според него, предвремените избори секогаш се случувале тогаш кога владејачката партија оценила дека нејзе најмногу би и одговарале, вели Муслиу.

„Јас мислам дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ идејата за предвремени избори ја форсира затоа што во моментот има реална шанса да се формира владина коалиција помеѓу опозицијата и албанските партии. Нив повеќе им одговара да влезат во нов изборен циклус, отколку да преминат во опозиција,“ изјави Муслиу.

Последните изборни резултати покажаа дека ниту една политичка сила нема комодитет да формира влада, но евентуални нови избори не би можеле да променат многу во распоредот на силите, вели Гаџовски.

„Мислам дека многу е важна иднината на Спрецијалното Јавно Обвинителство. Доколу тоа продолжи со работа, побрзи избори повеќе би му одговарале на ВМРО-ДПМНЕ. Од причина што тоа е клучниот камен на сопнување при формирањето на коалициите и ВМРО-ДПМНЕ се обидува со сите сили и средства да ја успори работата на СЈО. Така што брзи избори повеќе би му одговарале на ВМРО-ДПМНЕ, отколку на СДСМ“, заклучува Гаџовски.

Различен став по ова прашање има Муслиу, според кој и неколку илјади гласови може да направат промена.

„И пет, десет илјади гласови можат да направат голема промена во смисла на мандати кои можат да се освојат. Но, кај албанските политички партии идејата за предвремени избори е нешто што многу тешко ќе ја образложат пред нивните гласачи, така што тоа може сериозни последици да има на евентуални избори,“ вели Муслиу.

Во меѓувреме останува отворено прашањето за тоа кој и како ќе ги организира евентуалните нови избори. Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на своите позиции од прогласот во кој пишува дека нема да дозволат понатамошно мешање на амбасадори и го напуштаат форматот на преговори со други политички партии во кои учествуваат амбасадори или посредници од други држави.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG