Албанија не се меша во политичкиот живот на другите земји, но уставна обврска е да се грижи за своите сонародници кои живеат во други земји. Вака претставниците на Република Албанија ги демантираат обвиненијата од македонските политичари дека Албанија се меша во македонските внатрешни работи, по средбата на лидерите на политичките партии на Албанците од Македонија со албанскиот премиер Еди Рама.
Албанскиот амбасадор во Скопје, Фатос Река, во интервју за Радио Слободна Европа, кое во целост ќе биде објавено в недела, вели дека консултација не е никакво мешање, а заедничката платформа која ја потпишаа Али Ахмети, Биљал Касами и Зијадин Села, е составена од нив. Тој вели дека за Република Албанија е важно населението од албанскиот етникум кое живее во Македонија да има максимални права, да живее рамноправно со другите етникуми, вклучувајќи го и македонскиот.
Тој внимателно одговори на прашањето како би реагирала Тирана доколку лидерите на Македонците од Албанија дојдат на консултации во Скопје со македонскиот премиер за градење на заедничка платформа пред или по избори во Албанија.
„Практиката на минатите избори во Македонија најдобро покажа дека Република Албанија немала апсолутно никаков вид на предрасуда за гласачите од македонското малцинство кои дошле и гласале и тука во Скопје и во другите градови на Македонија. Тоа, просто, е еден вид згрижување кое владата на Македонија во претходниот случај го има покажано кон нејзините гласачи кои не живеат на македонска територија,“ вели Река.
Линијата меѓу квалитетна билатерална соработка и мешање во внатрешни работи е тенка, велат поранешните амбасадори. Ваквата изјава на амбасадорот укажува дека очигледно во билатералните односи меѓу Албанија и Македонија се мешаат лончињата, затоа што според македонските закони граѓаните од македонска националност кои живеат во друга земја си гласаат во дипломатските претставништва на Македонија во таа земја, објаснува поранешниот амбасадор и дел од комисијата за надворешни работи на СДСМ, Виктор Габер.
Тој додава дека ако се пишува политичка платформа под диригентска палка на функционери од друга земја - тоа е чисто мешање, но доколку навистина се вршат само консултации, а платформата е пишувана во Македонија тоа веќе е легитимно, вели Габер. Тој објаснува дека од дипломатски аспект ова е невообичаена пракса.
„Секаде каде што има делови од народи надвор од границите, такви консултации се вршат и ќе се врашат, а и ние сме вршеле во Македонија со нашите луѓе кои што живееле околу Македонија или во дијаспората, но не смее и никогаш не се правело таков преседан да им се сугерира или да им се пишува платформата. Нашата зовриена политичка ситуација е таква што такви платформи предизвикуваат внимание и огорчување во одредени кругови“, вели Габер.
Особено загрижува прашањето каде навистина е пишувана таа платформа, додава Габер.
„Она што малку зачудува во платформата е дека се покренуваат прашања кои што иницираат законски и уставни промени, а тоа би било фактички, ако таа платформа е пишувана и од странски фактор, тоа би било комплетно и дирекно мешање во внатрешните работи,“ вели Габер.
Албанските високи функционери посочуваат прецизно дека таа платформа си ја напишале политичките лидери на албанските партии од Македонија. Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски, пред неколку дена остро ги критикуваше политичарите во Тирана дека се мешаат во работите на Македонија за политички поени. Тој ги опиша како „недостојни кои испраќаат лоши сигнали во регионот”.