Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети, Катица Јанева...Овие имиња кои ги слушавме речиси секој ден во изминатата година, немаат сериозна конкуренција ниту во годината пред нас. Македонската јавност очекува истите тие личности кои се директно поврзани со политичко-општествениот живот во земјава да ја одбележат и 2017 година. Тоа се политичарите кои Македонија ја носат низ кризата во изминатите две години.
Политичарите топ личности
„Мислам дека и оваа година политичарите ќе бидат први на топ листата. Тоа е поради фактот што се уште сме општество во транзиција, којашто не ги довршила реформите и затоа што се уште се очекува политичарите да направат нешто во правец на демократизација и промени во општеството“, изјави професорот Сефер Тахири од Штуловиот Универзитет.
Политичките аналитичари прогнозираат голема популарност на лидерите на политичките партии.
„Освен Груевски, Заев и Ахмети, претпоставувам дека е можно да се појави и трета личност којашто доколку би се формирала експертска влада или широка коалиција и доколку партиите не можат да се договорат кој да биде мандатар на таа влада, претпоставувам ќе биде некој од експертската јавност кој ќе има мандат од неколку месеци да имплементира одредени работи кои се бараат од нас за да се откочат сите процеси во РМ. Таа личност би можела да ја одбележи годината пред нас“, вели политичкиот аналитичар Митко Гаџовски.
Професор Никола Дујовски, пак, очекува 2017 да му донесе поголема популарност на опозицискиот лидер Зоран Заев и неговите коалициски партнери.
„Очекувам годината да биде посветена на Зоран Заев и неговите коалициски партнери. Се разбира дека од тоа колку тој ќе успее да се промовира во наредниот период ќе зависи и тоа колку Катица Јанева ќе биде успешна. Но, сигурно бидејќи таа има поддршка од две третини од населението, секоја нејзина активност ќе биде будно следена. И може да се каже дека таа ќе има веројатно и централно место во наредната година, не само на политички, туку и на малку поширок општествен план во државата, вели Дујовски.
Слично прогнозира и универзитетскиот професор Осман Кадриу.
„Јас на прво место би го истакнал господинот Заев, затоа што според моето мислење тој покажа сериозност и храброст, да почне една сериозна војна против корупцијата и криминалот во кои, за жал, се вклучени и државни и партиски функционери. Во тесна врска со Заев е и СЈО на чело со обвинителката Јанева“, вели Кадриу.
Не помалку застапени ќе бидат и новите албански партии, првенствено Беса која покажа значителен успех на предвремените избори во декември. Клучна улога годинава им предвидуваат и на лидерот на интегративците Али Ахмети, но и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
„Мислам дека клучна улога оваа година ќе игра и лидерот на партијата којашто ги доби изборите кај Албанците, Али Ахмети. И од друга страна сметам дека ако Никола Груевски не успее да формира влада, ќе почнат внатрешните реформи во ВМРО-ДПМНЕ и можеби ќе има некоја нова личност, нов лидер која ќе внесе свежина на политичката сцена“, изјави Тахири.
Ако кризата продолжи, ќе има и протести
Ако политичката нестабилност продолжи и во текот на 2017 година, аналитичарите не ги исклучуваат разновидните облици на граѓанска непослушност и незадоволство. Во таа насока протестите и контра-протестите нема да изостануваат. Сепак доколку ги има, не очекуваат тие протести да бидат со силен интензитет или пак во облик каков што беше Шарената револуција.
„Се разбира и да има такви настани тие во демократијата се секогаш разбирливи, меѓутоа очекувам политичарите да не остават доволно простор за такво нешто. Време е веројатно да се состави владата, а потоа да започнат и некои правни разрешници на прашања низ коишто Македонија помина во овие две години и мислам дека тоа многу ќе ја релаксира состојбата. Едноставно нема да има граѓани коишто ќе бараат правда на начин на којшто минатата година Шарената револуција се обиде да сруши некоја политика на претседателот Иванов,“ изјави Дујовски.
Според Кадриу евентуалните протести во годината пред нас, ќе бидат резултат на слабостите во Владата.
„Многу се очекува од новата влада и зависно од тоа каква влада ќе добиеме и каква ќе биде нејзината определба, да биде сериозна, стручна, одговорна, да ги решава државните проблеми, тогаш сигурно дека се намалуваат можностите да имаме протести. Но, ако не се добие таква влада, тогаш не само што ќе имаме криза, туку таа ќе биде понагласена, со зголемен раст на незадоволството на народот и протести кој ќе бидат нужност и потенцијална опасност“, изјави Кадриу.
Спортистите, уметниците и бизнисмените - споредни актери
Иако политичарите се значаен дел во секој сегмент во земјава и на Балканот, постојат и други личности кои би требало да се споменат и заслужуваат внимание за својата работа и посветеност. Тоа се креативните дејци, уметниците, спортистите, успешните стопанственици.
„Во 2017 година младата фудбалска репрезентација на Македонија за прв пат ќе игра на едно европско фудбалско првенство, што е успех кој Македонија го нема досега доживеано. Тоа ќе биде голем настан за нашата земја. Младите во ракомет се пласираа на светско првенство во ракомет. После десет години значи повторно ќе имаме младинска репрезентација во ракомет што ќе игра на големо натпреварување“, потенцира Митко Гаџовски.
Еве кои други личности според социологот Ѓорги Тоновски би можеле да се издвојат и со својата работа да ја одбележат оваа година.
„2017 годнина и натаму ќе се одбележува со поединечните ентузијастички континуитети во делувањето на имињата како Влатко Стефановски, Златко Ориѓански, Османли, Александар Поповски, Пандев и неколку други дејци. Но тоа не е доволно за некаква прогноза за и натаму сиромашната 2017 година, и во материјална и во духовна смисла“, вели Тоновски.
Аналитичарите очекуваат 2017 година да биде година и на економистите. Според нив доколку се случи промена на власта би требало да се релаксира и економската политика и сите домашни стопанственици да бидат во преден план во 2017 година.
Година на социјален молк и сиромашен духовно - креативен амбиент
Насилната, натурена политизираност го замолчи креативниот дух во земјата на сите полиња, а ако ваквиот духовно - креативен амбиент од минатата година продолжи и во оваа, тогаш не може да се очекува голем исчекор во социјалната надградба на Македонија, заклучуваат социолозите. Според нив опасноста и натаму да останеме заробени во расправите за политиката и корупцијата, во социјален молк без дебати и дискусии како што тоа беше досега, постои и е реална.
„Она што може да донесе 2017 година е барем поставување на мали, но цврсти темели на поинаков пристап на филозофијата на владеење и на почитување на сите сфери на општественото живеење во Македонија. Политиката да го отстапи просторот на човечката креација. Очекувам одделни пројави на поединци ентузијасти нови или постојните, но не забележувам силни трендови“, изјави Тоновски.
Театарот и натаму ќе биде заробен во турските серии, спортот и натаму ќе биде заробен во водите на македонската комерцијализација, бизнисот и натаму ќе остане заробен во државните интервенции, а уметноста ќе биде растргната меѓу квалитетот и проектот Скопје 2014 година, потенцира Тоновски. Повеќе од очигледно е дека на планот на духовно-креативната димензија на македонското општество е потребен голем и искрен ангажман. Промените, заклучува Тоновски, можат и ќе се случат само со помош на нови социјални односи и свеж социјален простор, кој е потиснат, но не и исчезнат.
Топ пет личности во светот
Гоце Атанасов
Во изминативе денови имаше многу листи и анкети за тоа што се случи во 2016 и што би можело да се очекува во 2017 година. Сепак, наредниве неколку личности, по се изгледа, ќе остават нивен знак на она што ќе се случува во светот во оваа година.
Доналд Трамп
Откако на 20 јануари ќе влезе во Белата куќа политиките што ги рефлектираат неговите изборни ветувања може да имаат големи ефекти во светот. Неговите најави за американски протекционизам ќе може да имаат големо влијание во Европа. Кон ова се и Трамповите замаглени ставови за НАТО, како и неговите најави за подобри односи со Русија.
Јарослав Качињски
Инаетејќи му се на Брисел со промени на Уставот, десничарската полска влада е своевиден тест за моќта на ЕУ да ја наметне волјата врз нејзиното источно крило. Унијата и даде на Варшава рок до крајот на февруари да ги прилагоди промените. Но, Качињски тешко дека ќе го стори тоа. Британските дипломати веќе сметаат да заиграат на картата на поделбата меѓу исток и запад во рамките на Европската унија.
Тереза Меј
„Брегзитот значи Брегзит“. Британската премиерка ќе треба да ја прошири нејзината фраза кога на Брисел ќе му испрати писмо, тоа треба да го стори до 31 март, за да го започне две годишниот развод со Европската унија. Задржувајќи покер лице таа ќе мора да ја обедини нејзината влада и Британците во врска со излегувањето на земјата од Европската унија, процес кој може да доведе и до распад на Британија.
Владимир Путин
Лидерот во Кремљ води „тешко за читање“ тактичка игра за обнова на влијанието на Москва во светот. Тој може да прави пријатели или проблеми со западните соседи на многу начини: од контрола на снабдувањето со гас до поддржување на нивните опоненти. Од анектирањето на Крим во 2014 година, малкумина во Европската унија ќе се обложат во врска со следниот чекор на Путин. Ако Доналд Трамп го скрши редот со олабување на американските санкции, Европската унија ќе се најде во небрано, бидејќи тоа ќе можат да го сторат и некои нејзини членки.
Ангела Меркел
Подготвувајќи се да го добие четвртиот мандат на септемвриските парламентарни избори во Германија, лидерката на европските лидери е загрозена од лутина и страхување откако дозволи над милион баратели на азил да влезат во нејзината земја. Германските евроскептици од десната страна би можело да ги освојат нивните први места во парламентот. Тоа во најмала рака ќе и и ги усложни нејзините преговори за создавање влада во Германија.