Достапни линкови

Функционерите на ВМРО-ДПМНЕ се заканија со гневот на народот


Протести пред ДИК - Нема да дозволиме да ни се украде победата
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:21 0:00

Протести пред ДИК - Нема да дозолиме да ни се украде победата

Поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ се собраа пред ДИК за, како што велат, да спречат да им се украде изборната победа. Пратеникот Антонио Милошоски побара да им се признае победата или ДИК ќе се соочи со гневот на народот.

Треба да признаат пораз. Или да ја признаат волјата на народот или да се соочат со гневот на народот, рече пред насобраните луѓе пред седиштето на Државната изборна комисија, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Не бараме туѓ глас, но не даваме ниту еден наш, ако треба ќе го браниме нашиот глас на улица и вечерва и утре и секогаш. Во оваа држава има политичари кои виткаат кичма, но има и народ со рбет кој нема да попушти. На државата не и требаат кризи, две ипол години трпевме за да дојдеме до избори, дојдовме до избори, излеговме на избори и победивме. Ни треба победата да биде потврдена за Македонија да оди напред“, порача Милошоски.

Приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ се собраа пред ДИК додека Комисијата расправа за приговорите од партиите за изборни нерегуларности. Тие велат дека сакаат да спречат да биде украдена изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ. Улицата пред ДИК е затворена, а насобраните извикуваат „Лопови“ и „Македонија“, на разглас се слушаа македонски патриотски песни и се вејат македонски знамиња.

Пратеникот Илија Димовски рече дека Државната изборна комисија ја има најголемата одговорност во моментот.

„Од нив зависи дали оваа држава ќе биде нормална, стабилна и просперитетна. Да не се опуштаат и да не мислат дека овој народ има сила да толерира повеќе. Немаме сила за толеранција, но имаме сила да ја почитувам демократијата, да го почитуваме гласот на народот, нема враќање назад, остануваме до крај“, рече Димовски.

СДСМ ги доби сите услови што ги побара од ВМРО-ДПМНЕ, рече пратеникот Владимир Ѓорчев, кој додава дека победата на партијата е чиста како солза.

Нашиот репортер на терен Фросина Димеска праша дел од присутните на протестот зошто се дојдени, на што доби одговор дека е непристојно е да се прашува зошто биле собрани пред ДИК.

„Ние тука сме да изразиме свое несогласување со тоа што воопшто се разговара за приговори за кои воопшто нема правна основа, така велат луѓето што се правници, јас за жал, не сум правник, меѓутоа луѓето кои се правници тоа го говорат“, рече Роберт Вељановски, директор на Драмски театар, кој беше кандидат за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во првата изборна единица, но беше на недобитна позиција.

„Се собравме овде спонтано за да го изразиме своето незадоволство од начинот на кој се води дебатата или како се вика прочистувањето на поднесените приговори од страна на БЕСА и на ДУИ, односно на СДСМ, не на ДУИ“, рече Крсто Јовановски, новоизбран пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно пред партиското седиште прес-конференција одржа Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека во ДИК се спроведува лакрдија во сценарио на претседателот на комисијата Александар Чичаковски.

Тодоров реагира на одлуката на ДИК да има графолошко вештачење на потписот на гласачката. Според него, ваквата одлука е незапаметена досега и побара од ДИК да ја коригираат одлуката и да не дозволуваат да се работи спротивно на законот. Вештачење е побарано во врска со осмиот приговор на БЕСА, а Комисијата ги отфрли останатите седум приговори поднесени од БЕСА.

По расправата за приговорите на БЕСА, Државната изборна комисија ги разгледува приговорите на СДСМ. Законски, ДИК има рок до полноќ да се изјасни по приговорите на политичките партии.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG