Изборите поминаа, следува период на политички театар – вака би можело во една реченица да се опишат случувањата од неделата наваму. Плус, се чини дека и овие избори го имаат својот Љубе Бошкоски. Само овој пат без апсење.
Утрински ги објави соопштенијата на Јавното обвинителство и на МВР: „Извршен претрес во домот на Величковиќ, не и приведување“ и „МВР: Не бевме информирани за претресот во домот на началникот на СВР Куманово“. Вечер објави: „Пронајдени податоци поврзани со злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба“. И Дневник со сличен наслов: „Величковиќ осомничен за давање пари за гласови во кумановското Ромско маало“. Инаку, началникот на СВР Куманово е именуван од опозицискиот министер за внатрешни, Оливер Спасовски.
„ДИК денеска ќе ја одржи седницата за одлучување по приговорите“ – насловува Нова Македонија, а оваа вест ја објавуваат и другите печатени медиуми. Она што заради технолошкиот процес весниците не успеале да го отпечатат, а го дознаваме од телевизиите, е дека вчерашната седница на ДИК е одложена за денеска затоа што ВМРО-ДПМНЕ почнала да повикува свои членови и приврзаници пред седиштето на Комисијата што се заканувало со нарушување на безбедноста. Деновиве ДИК е во центарот на вниманието на домашната и на меѓународната јавност поради големата неизвесност од тесните резултати од гласањето во неделата. Утрински објави дека „Чичаковски бара одлучувањето по приговорите да се пренесува преку собранискиот канал“. Весникот потсетува дека ВМРО-ДПМНЕ преку Влатко Ѓорчев се закани дека „СДСМ сака да им ја украде победата“ и да „престанат да си играат со трпението на народот“, а дека истиот ден лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес конференција ѝ порача на власта „да не помислуваат да прават коалиции додека не бидат конечни резултатите“.
Вечер излезе со наслов: „СДСМ и Беса главни играчи за кражба на изборната волја на Македонците“, а Дневник насловува: „Заев не ги признава резултатите од ДИК“. Дневник како намерно да ја испушта информацијата дека објавените резултати се прелиминарни и дека претстои процес на приговори за евентуални нерегуларности.
Нова Македонија ги објавува забелешките на народниот правобранител дека имало „Заплашени административци, обесправени болни и затвореници“ и на посматрачите на МОСТ кој објави дека има „Сериозни индиции за неправилности“. За Вечер, пак, „Контроверзниот Дарко Алексов и МОСТ вршат притисок врз ДИК“.
Слободен печат, со фотографии на Ѓорчев и на амбасадорот Бејли објавува двосмислен наслов со англискиот збор „дик“: „Немој ти на мене ДИК!“
По средбите на водачите на трите помали опозициски партии на македонските Албанци со албанскиот премиер Еди Рама во Тирана, Вечер инсинуира: „Дали Тирана ќе ја определи власта во Македонија?“ и наведува: „Ахмети одбил да се сретне со Рама, другите отрчаа“. А во меѓувреме, статистичката служба на ЕУ, Евростат, објави дека „Куповната моќ во Македонија е 41% од просекот на ЕУ“.