Достапни линкови

МВР апелира на професионално однесување и избегнување тензии


Граѓани пред домот на началникот на СВР Куманово Стојанче Величковиќ каде специјалци вршат претрес.
Граѓани пред домот на началникот на СВР Куманово Стојанче Величковиќ каде специјалци вршат претрес.

Од Обвинителството потврдуваат дека извршиле претрес во домот на началникот, но не и дека сакале да го апсат. Тој вели дека кај него барале документи и дека сакаат да го заплашат за победата во Куманово.

Основното јавно обвинителство во рамки на предистражна постапка проверува дали полицискиот началник на Куманово е вмешан во Злосторничко здружување, дали ја злоупотребил службената положба и дали е вмешан и во други кривични дела за кои се гони по службена долност. Но не прецизираат за какви злоупотреби се работи. Вчера дел медиуми излегоа со извештаи дека се работи за изборна измама, а и началникот изјави дека сакале да го заплашат за победата во Куманово. Од Обвинителството потврдуваат дека извршиле претрес во домот на началникот, но не и дека сакале да го апсат. Од неговиот дом се одземени предмети со податоци во писмена и во електронска форма.

Целта на претресот била пронаоѓање траги на кривично дело или предмети важни за кривичната постапка и нивно одземање. Наредбата за претрес ја издал судија на претходна постапка од Кривичниот суд.

Министерството за внатрешни работи денеска исто така соопшти дека акцијата за претрес е по наредба на судија во претходна постапка и е организирана и спроведена од страна на Основното јавно обвинителство, без информирање и планирање од страна на Министерството за внатрешни работи.

„Министерството за внатрешни работи укажува дека сите вработени во овој државен орган треба да го задржат нивото на максимално професионално постапување и однесување со цел да се избегнат ситуации кои може да предизвикуваат дополнителни тензии и да наштетат на на угледот на министерството“, се наведува во денешното соопштение од МВР.

Откако специјалци синоќа дојдоа во домот на началникот на СВР Куманово, Стојанче Величковиќ, да вршат претрес, пред неговиот дом се собраа група граѓани, меѓу кои и поддржувачи од СДСМ за да спречат, како што велат, апсење на началникот. Инаку Величковиќ на функцијата е поставен од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Величковиќ обраќајки им се на неговите поддржувачи, рече дека полицајците од него барале некои списи кои се наоѓале во неговата чанта, му го прегледувале тефтерот и обвини дека сакаат само да го заплашат.

„Ако сум виновен ќе одговарам, но јас ви гарантирам дека ова е мотивирано од Митко Чавков, од инспектори што се заштитени како бели мечки, од Основно јавно обвинителство, од Зврлевски, за да ме заплашат за победата во Куманово“, рече Величковиќ.

Министерството за внатрешни работи на прес конференција на крајот на изборниот ден информираше за изборни нерегуларности, меѓу дека тоа до нив пристигнале и шест пријави за злоупотреби на службена должност на полициски службеници, за кои подоцна преземале мерки надлежните од Одделот за внатрешна контрола.

Јавното обвинителство пред изборите соопшти дека ги следи случувањата и објавите во врска со организирањето и спроведувањето на изборите на 11 декември, за што беше формирана и Комисија за следење на изборните нерегуларности. Јавните обвинители имаат задача итно да постапуваат доколку има сомнение за евентуално сторени изборни нерегуларности.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG