Достапни линкови

Популизмот ги затвора вратите на ЕУ за Балканот


Архивска фотографија: Знак на влезот во селото Шенген во Луксембург
Архивска фотографија: Знак на влезот во селото Шенген во Луксембург

Популизмот во Европа сериозно ќе влијае на евроинтеграциите на земјите кандидатки. Европските земји повеќе ќе се свртат кон себе и ќе го стават проширувањето во втор план.

Западните земји се зафатени од бран на популизам и тој освен на иднината на Европската унија, влијание ќе има и врз земјите како Македонија, кои претендираат да бидат дел од блокот.

Во сè повеќе европски земји се зголемува поддршката за десничарските партии, кои на врвот на нивната политичка агенда ги имаат заканите и стравот од миграцијата, исламскиот тероризам, невработеноста.

Откако Британците гласаа за „Брегзит“, сега и неуспешниот референдум во Италија популистите го сметаат како отфрлање на ЕУ.

Некои аналитичари сметаат дали популизмот е закана за Европа, но се отвора и прашањето како тој ќе влијае врз интеграцијата на земјите кандидатки како што е Македонија.

Професор Никола Дујовски од Факултетот за безбедност во Скопје вели дека популизмот во Европа сериозно ќе влијае на евроинтеграциите на земјава. Тој смета дека посериозните проблеми државата ќе ги почувствува на среден рок, кога ќе ги отвори прашањата за пристап во Унијата.

„Популизмот во земјите на Европската унија и генерално нивните моментални политики, во наредниот период ќе одат кон продлабочување на односите меѓу членките, а не толку кон прием на нови земји членки“, вели Дујовски.

Тој посочува дека крајно десничарските партии во европските земји не промовираат политики на отвореност, а во Европскиот парламент и во Европската комисија има голем број нивни претставници.

„Постои можност да бидеме забавени дополнително во процесот на европските интеграции откако ќе ги решиме сите други проблеми, откако ќе ни дадат датум за почеток на преговори“, вели Дујовски.

Популизмот во Македонија

Аналитичарите со кои разговаравме велат дека политичарите во Македонија практикуваат популизам кој е различен од оној во западните европски земји.

Предизборен митинг на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Скопје на 27 ноември 2016
Предизборен митинг на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Скопје на 27 ноември 2016

Марко Трошановски од Институтот за демократија - „Социетас цивилис“ вели дека популизмот во земјава се должи на разбирањето на идентитетот како колектив, а не како граѓанска конструкција. Политичарите ги користат колективните идентитетски прашања за мобилизација на политичка поддршка, вели тој.

„Партиите кај нас како алатка за мобилизација на политичка поддршка, популизмот, односно етноцентризмот во нашиот случај го злоупотребуваат затоа што најлесно на него се мобилизираат луѓе и оттука најлесно се манипулира со нивните ставови“, вели Трошановски.

Популизмот во теоријата е дефиниран како верување во моќта на обичните луѓе, во нивното право на контрола на власта, повеќе отколку на мала група на политичари или на богатата елита, и како политичка доктрина која ги поддржува правата и моќта на обичните луѓе во нивната борба со привилегираните елити.

Соња Стојадиновиќ – магистер по меѓународна политика, вели дека во Македонија популизмот е дел од реториката на сите политички партии и дека тој е насочен кон генералните заеднички проблеми на сите групи во македонското општество, како сиромаштијата или невработеноста.

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири објаснува дека популизмот повеќе го користат десничарските партии, што според него преведено значи националистичките.

„Популизмот е штетен, затоа што води кон конфликти, а носи само ситни времени профити“, вели Демири.

ЕУ во прегратка на популизмот

ЕУ во прегратка на популизмот
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:37 0:00

Негативниот исход на италијанскиот референдум за реформи на Уставот, популистите низ Европската унија радосно го оценија како отфрлање на Унијата и на нејзината заедничка валута.

Другите велат дека не е така. Како и да е, резултатот во Италија претставува уназадување за Европа во време кога нејзините лидери се обидуваат да изградат добар одговор на Брегзитот и на изборот на Доналд Трамп за претседател на САД.

Гоце Атанасов

Гласањето во Италија додаде уште една земја во листата на членки на Европската унија кои најверојатно ќе бидат преокупирани со домашни проблеми догодина кога Холандија, Франција, Германија и најверојатно Британија ќе имаат избори.

Италијанскиот референдум е предупредување до европските реформатори како на пример до конзервативниот кандидат за претседател на Франција, Франсоа Фијон, кој вети дури пет референдуми доколку биде избран за таа функција.

По Брегзитот, тогашниот премиер Дејвид Камерон си поднесе оставка, а истото го стори и италијанскиот премиер Матео Ренци по што шефицата на крајно десничарскиот Национален фронт на Франција Марин Ле Пен на Твитер напиша „Италијанците го отфрлија Ренци, но и ЕУ“.

Најџел Фараж од британската Независна партија која го покрена Брегзитот пак оцени:

„Ова гласање повеќе ми изгледа насочено против еврото отколку против уставните промени“.

Во исто време со референдумот во Италија, австриските гласачи на повторените претседателски избори успеаја да го отфрлат кандидатот кој за малку ќе станеше првиот шеф на Австрија од крајната десница по Втората светска војна, со што е запрен бранот, некои велат привремено, на популизмот што ги зафати западните демократии.

Еден од нив е Томас Мартин од Виена:

„Сметам дека тоа е добро за запирање на популистичката идеја. Но, таа нема да запре. Оваа приказна ќе продолжи“, вели тој.

Лука Тардели од Меѓународната стратегија за дипломатија при Лондонското училиште за економски и политички науки смета дека ширењето на популистичкото расположение е доказ дека Западот му го врти грбот на неуспешниот политички систем.

„Големата економска и финансиска криза од 2008 година остави многу, многу полоша ситуација и направи владејачките елити на Запад да бидат длабоко незадоволни и во неможност да обезбедат нови решенија за новите проблеми“, вели тој.

Според Тардели, подемот на популизмот е начин на луѓето да бараат контрола на сè, од нивните граници до политичкиот систем.

„Глобализацијата не ги фаворизира сите сегменти на западното општество подеднакво, особено не оние на ниско платени работни места.

И луѓето бараат контрола, контрола на границите, контрола на сопствената судбина, контрола на нивниот политички систем. Клучниот збор тука е суверенитет“, вели тој.

Тардели смета дека подемот на популистичките движења, најверојатно, ќе влијае врз иднината на ЕУ.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG