Достапни линкови

Балканот на слеп пат или на брз европски колосек по Брегзит?


Излегувањето на Велика Британија од ЕУ може негативно да влијае врз балканските земји и да ја забави нивната интеграција, но можен е спротивен ефект и Европската унија да ја забрза интеграцијата за земјите од Западен Балкан.

Со излегувањето на Велика Британија од Европската унија, балканските земји, особено Македонија, губат важен сојузник којшто силно го поддржуваше проширувањето. Вакви се оценките на дел од македонската експертска јавност во однос на тоа какво влијание ќе има „Брегзитот“ врз регионот, откако во Европа се зборува за тезите за можни опасни последици врз неинтегрираните балкански земји од излезот на Обединетото Кралство.

Дали „Брегзитот“ ќе предизвика дополнително забавување на и онака бавното интегрирање на Македонија и другите земји од Западен Балкан во ЕУ; дали автократските партии и политичари ќе ја зголемат својата популарност и националистичката реторика, се само дел од дилемите. Сепак постојат и теории оти Унијата со губењето на членка на северот повеќе ќе се отвори кон неинтегрираните земји кандидатки.

Европскиот план за Македонија е тоа што тој бил за Западна Европа по завршувањето на Втората светска војна и балканските земји таа идеја треба да ја доживеат како мировен план којшто национализмите кои предизвикуваат големи трагедии ќе ги стави во една заедничка наднационална контрола, коментира универзитетскиот професор Денко Малески. Тој посочува дека Европа ќе го загуби многу значајниот баланс во однос на проширувањето, којшто се одржувал помеѓу Велика Британија, која силно го поддржувала, наспроти Германија и Франција кои заговарале продлабочување на Унијата.

„Заминувањето на Британија, мислам дека за тоа се свесни и остатокот од Европа и оти ќе вложат напори да го пацифизираат Балканот којшто некогаш го сметаа за свој заден двор. Да го цивилизираат во некоја смисла, преку држење на тој план отворен. Но, основната работа и основниот труд ќе биде наш, така што можно е ова да значи одење кон цврста Европска унија што за балканските држави уште повеќе одговара, наспроти некаква лабава варијанта. Останува да видиме како целава работа ќе се одвива“, вели Малески.

Во однос на можното поголемо отворање на ЕУ кон неинтегрираните земји, тој истакнува дека за Македонија работите во голема мера се јасни, независно од излезот на Британија.

„Правилото на Унија е дека примаат членки коишто ги имаат разрешено сериозните проблеми со соседите и од тоа нема отстапување. Правило е дека одлуките за прием се носат со консензус, како во Европската унија, така и во НАТО и тука нема поместување од тоа. Ние мораме, со тоа калкулираме, а не цело време да се повикуваме на некаква божја правда или на меѓународно право, туку да се обидеме своите работи да си ги средиме, се разбира едновремено одржувајќи многу важни односи со една многу важна европска и светска сила, а тоа е Велика Британија, иако нашиот пат е во семејството на европските народи“, вели Малески.

Можна промена на политиките за проширување

Излезот на Велика Британија од Европската унија несомнено е еден од најголемите историски настани во развојот на Унијата и во однос на неинтегрираните земји, како Македонија, тој секако ќе влијае, особено на тоа како ќе изгледа Европа и кои прашања ќе ги постави како приоритетни во следните две години.

Ваков е ставот на Симонида Кацарска во однос на можните сценарија во Европа по Брегзитот. Тој може да влијае врз политиката на проширување, која е замрзната поради миграцијата и терористичките напади и таа е можно дополнително да биде ставена во втор план, вели таа, истакнувајќи оти по вакви големи настани се носат и големи одлуки и според тоа можна е и поголема отвореност на Европа.

„Јас очекувам дека во ЕУ мора да има еден приод на внатрешна себерефлексија, односно како ќе продолжи после заминувањето на Обединетото Кралство и тоа веројатно е здраво за самата Европска унија за да може да направи некои клучни чекори напред. Всушност, историјата покажала дека после големи кризи се направени големи чекори. Мислам дека позитивното сценарио или оптимистичкото сценарио коешто го гледаме после тој период на рефлексија, да може да има едно поголемо отворање и промена на политиките коишто ги видовме досега во однос на рестрикција на миграцијта, во однос на градење на ѕид околу Европа, па да се надеваме дека таа рефлексија ќе доведе до некоја поголема рефлексија кон останатиот свет“, вели таа.

Кацарска смета дека Брегзитот нема да ги промени пристапните услови за земјите аспиранти, бидејќи по проширувањето во 2004 година, ЕУ ги укина таквите можности земјите во голема мера да преговараа за условите за пристап во Унијата.

„Мислам дека дури и излезот за Британија од ЕУ, којашто беше земја со посебни договори и со посебни исклучоци во однос на правдата и внатрешните работи и во однос на Шенген, покажа дека веројатно тој начин на интеграција не функционира. И затоа очекувам дека за останатите земји и за оние кои пристапуваат, ЕУ построго ќе ги применува своите правила и нема да дозволува отстапувања. Така што, построго применување на постоечките критериуми, меѓутоа не верувам во некакви отстапувања наназад“, вели Кацарска.

Андреа Стојковски од Македонскиот центар за европско образование потенцира дека кога станува збор за проширувањето на ЕУ, државите од Западен Балкан губат еден од сојузниците. Обединетото Кралство беше еден од главните поддржувачи на оваа политика која јасно и отворено ја развиваа, вели тој.

„Може да се очекува излегувањето на Британија да има влијание во продолжувањето на агонијата во која се наоѓаме, меѓутоа дека до таа мера ќе го спречи проширувањето или, пак, ќе ги активира жителите на државите членки во изнаоѓање на нови партнери коишто би ги примиле по секоја цена, мислам дека такво нешто не би можеле да очекуваме. Поверојатно е да очекуваме дека ќе има можеби и други коишто си го поставуваат сличното прашање, меѓутоа мислам дека ниту една од државите членки коишто ќе продолжат да функционираат во Унијата не се наоѓа во состојба или во таква позиција како Обединетото Кралство за да може да си дозволи референдум или, пак, барање за истапување од Унијата“, вели тој.

Стојковски смета дека дискусиите ќе продолжат и понатаму, особено со зголемувањето на движењата на меѓународната сцена, како бегалската криза и растот на ксенофобијата. Тој додава дека условите за пристапот на Македонија во ЕУ и натаму ќе бидат подеднакво сили, јасни и прецизни.

„Мислам дека она што го гледаме како механизам за владеење на правото коешто почнува полека да заживува во рамките на ЕУ, ќе доживее негова трансформација и транзиција во политиката на проширување, бидејќи очигледно е дека во овие држави коишто се наоѓаат во процесот на проширување се забележуваат авторитарни или нелиберални тенденции со коишто Унијата ќе мора да најде начин како да се справи, првенствено затоа што станува збор за држави коишто се на границата на Унијата, а второ затоа што станува збор за држави коишто сакаат да бидат дел од државите членки“, вели Стојковски.

Поддржувајќи го Балканот

По гласањето на Британците за излез од ЕУ, загриженоста во македонската јавност најмногу беше насочена кон можните последици врз економијата на земјата, но и врз се поголемиот евроскептицизам кој и онака во изминативе години бележи зголемено ниво. Во европската јавност се потенцира опасноста од Брегзитот за балканските земји и апелите Европа повеќе да се посвети на проширувањето, бидејќи Европа не може да си дозволи уште една катастрофа.

Гоце Атанасов

Проширувањето на Европската унија треба да биде приоритет по Брегзитот. Ова се наведува во написот објавен во Форин афеарс, каде што неколкумина аналитичари се осврнуваат врз последиците на британскиот референдум врз балканските намери да бидат дел од заедничкото европско семејство.

„Кога се урна Берлинскиот ѕид, падна во Југославија“.

Ова го изјави Харис Силајџиќ, своевремено член на Претседателството на Босна и Херцеговина, укажувајќи како настаните во Европа ги активираат насилства на Балканот.

Можеби не толку насилни, но сè уште се опасни последиците од Брегзитот кој се заканува да го наруши и онака проблематичниот регион, наведува Едвард Џозеф. Заминувањето на Британија уште повеќе ќе ги оддалечи обидите на регионот за членство во Унијата, бидејќи е изложен на нефункционалноста на Брисел, како и на потребите за реформи во самата Европска унија.

По Брегзитот, ЕУ со поголема поддршка за Балканот
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:20 0:00

Националистите во Франција, Холандија и во другите европски земји бараат нивни референдуми, што ја поткопува волјата на балканските земји да спроведуваат демократски реформи, особено ако на крај на тој пат не е Европската унија.

А без сигурен пат до Брисел, возењето на балканските влади може значително да биде забавено. Конечно Брегзитот би можело да ги охрабри автократите кои веќе повикуваат на најлошите инстикти во длабоко поделениот регион.

Како што Брисел се врти околу можните последици од британскиот референдум, германската канцеларка Ангела Меркел, де факто лидерот на Европа, мора да го прифати историскиот предизвик да го води континентот низ можеби најтемниот период по Втората светска војна.

Нема да има подобар сигнал за европската посветеност кон заедничкиот дом од проширувањето кон Балканот. Плановите за проширување страдаат и поради високото ниво на корупцијата во регионот.

Политичките елити таму ја користат националистичката реторика и ги отвораат раните од минатите војни за да го свртат вниманието од обвинувањата дека се корумпирани. Тие не брзаат да ги водат земјите до членство во Унијата, бидејќи тоа ќе значи почитување на законите, независност на судството и работење според европските стандарди и правила.

Искрен план за Балканот не само што ќе ја зајакне Европската унија, туку исто така ќе и овозможи на Меркел, како и на нејзините колеги во Брисел, да се справат со растечката анксиозност и во Британија и низ целиот континент од мигрантската криза.

Доколку Балканот биде инкорпориран во ЕУ, Брисел би можело да помогне да финансира привремени засолништа и регистрација на сириските бегалци. Од друга страна, неуспехот да се стабилизира Балканот ќе го зголеми проблемот со мигрантите.

Граѓаните во регионот кои не гледаат иднина таму ќе почнат да се движат кон север. Тоа веќе еднаш се случи. Десетици илјади граѓани од Косово пред неколку години почнаа да одат во Германија за да избегаат од корумпираната влада и лошата економска состојба.

Иако евроскептиците велат дека станува збор за замор од проширување, вистината е што Европа страда од опасната состојба: криза од замореност. Европа освен сегашните кризи со мигрантите, еврото и Украина не смее да си дозволи уште една катастрофа. Токму сега Балканот е во опасност да биде додаден во целата драма.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG