Достапни линкови

Со закон да се забранат малолетнички бракови


Продавница за венчаници.
Продавница за венчаници.

Малолетничките бракови се честа појава во Прилеп. Од Центарот за социјална работа велат дека проблемот е комплексен и дека треба да се донесе закон за забрана на стапување во брак под 18 години. И невладините бараат измени на законот.

Четириесет и седум годишниот прилепчанец Фако Јајоски е многу револтиран, затоа што во државата нема закон со кој се гарантира заштита за малолетните девојки, за да не им се дозволи стапување во брак сè до полнолетство. Тој има многу непријатно искуство низ институциите во обидот да ја врати дома, својата 14 годишна ќерка која стапила во вонбрачна заедница со речиси двојно повозрасен маж.

„Си дојдов од Австрија, работата ја оставив, девојчето беше мажено за полнолетен човек, кој што има 27 или 28 години. И тоа дело, девојчето е малолетно, треба законски да си ја земам назад, а тие ми ја одбија жалбата. Јас сум благодарен на полицијата, навистина ја зедоа од тој маж и ја вратија на мајката“, вели Јајоски.

Судбината на ќерката на Јајоски и страдањата и траумите низ кои минуваат семејствата на малолетните девојки се честа појава во Прилеп. Од Центарот за социјална работа, велат дека овој проблем постоел секогаш, дека е дел од традицијата на ромската заедница. Но, радува фактот што, секоја година расте бројот на девојчиња кои го продолжуваат своето школување во средно училиште, a тоа ќе резултира со позитивни промени. Засега, како што истакнува директорката на Центарот, Снежана Јованоска, разочарувачки е што многу е мал бројот на родители, кои реагираат и бараат нивните малолетни деца да ги вратат од намерите да стапат во т.н. детски бракови.

„Сите оние согласности кои се дадени, се во случаи во кои претежно девојката е бремена. Тогаш и да се даде согласност и да не се даде, сеедно. Ако не се даде согласност ќе нема малолетнички брак, но ќе има вонбрачна заедница. Но, тоа дете кое е на пат, понатаму ќе има други проблеми. Јас го поздравувам носењето на законски решенија, дури да се забрани до 18 години“, вели директорката Јованоска и додава дека во сите овие случаи малолетните сопружници се упатени во Советовалиштето за брак, со цел колку што е можно да се превенираат штетите последици.

Освен во Прилеп и во ромската заедница, случаи на малолетнички, детски бракови има и меѓу граѓаните од други националности ширум државата.

Невладината РОМА С.О.С. со цел да го подобри квалитетот на животот на младите, а поаѓајќи од Конвенцијата за заштита на правата на децата, според која секое лице до 18 години е дете, има препораки утврдени со студијата на случај. Од оваа невладина, посочуваат дека Државниот совет за превенција на детско престапништво, како резултат на нивните активности, поднел Иницијатива до Министерство за правда за измени на Кривичниот законик, со цел да бидат санкционирани оние полнолетни лица, кои ќе дозволат да се склучи брак со малолетно лице.

„Очекуваме во најскоро време и Министерството за правда да се произнесе. А, веднаш потоа ќе следат иницијативи во Министерство за труд и социјална политика и Министерство за образование, како клучни институции, кои треба во свои рамки, во свои закони, да извршат одредени измени, за да целосно се хармонизира законодавството и да се обезбеди целосна заштита на децата во остварување на нивните права“, вели Несиме Салиоска, од невладината „РОМА С.О.С.“ од Прилеп.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG