Достапни линкови

Исклучените протестираат, полицијата го брани ССМ


Исклучените протестираат, полицијата го брани ССМ
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Исклучените протестираат, полицијата го брани ССМ

Исфрлените четири гранкови синдикати денеска протестираа пред ССМ и кратко време ја блокираа крстосницата кај Собранието. Бараат претседателот на ССМ Живко Митревски, да си замине од функцијата.

Превирањата во ССМ продолжуваат, полициски специјалци ја бранат синдикалната зграда. Неколку десетици членови и поддржувачи на четирите исфрлени гранкови синдикати денеска протестираа пред Сојузот на синдикати, барајќи да влезат во нивните простории, но полицијата не им дозволи. Тие тврдат дека го смениле претседателот на ССМ, Живко Митревски, кој, според нив, сè уште нелегално ја узурпира синдикалната функција и оти на негово место за в.д. претседател го избрале Дарко Димовски.

„Од кого се брани, од нас членството, од работниците од коишто зема плата? Срамота! Да го поздравиме со едно големо „Уа“, да му кажеме дека ова нема да застане тука, секој ден ќе не има сè побројни, иако температурите ќе одат надолу во минус. Затоа Живко, напушти ја зградата, не те сакаме! Ти си мафијаш, крадец, ајдук, а тоа ќе го докажеме, како пред судовите, така и пред новинарите“, рече Димовски.

Тој посочи дека протестот нема масовност затоа што се организирале спонтано за само час и половина. Демонстрантите го обвинија Митревски дека е гробар на македонскиот синдикализам и бараат Централниот регистар да го впише новоизбраниот в.д. претседател.

Насобраните потоа побараа барем накратко да влезат во нивните канцеларии за да си го земат синдикалниот материјал и реквизити, но ниту тоа не им беше дозволено. Во знак на протест, тие кратко време ја блокираа крстосницата кај Собранието. Се пожалија дека нивните колеги биле спречени да дојдат на денешниот протест.

Митревски, пак, тврди дека одлуката за негова смена е донесена нелегално и нелегално била потврдена од доскорешната министерка за труд и социјала Фросина Ташевска Ременски. Нејзиното фалсификувано решение сега е поништено од Министерството, вели тој.

„Јас му благодарам уште еднаш на нашето членство кое апсолутно ни даде поддршка и каде што оваа група од триесетина луѓе се соочи со еден потполн дебакл, кој можевте да го видите, каде што немаше ниту некоја присутност, а од друга страна ги добивме поддршките од сите страни, не само од нашата држава“, рече Митревски.

Тој рече дека по основ на неплаќање членарини исклучените четири синдикати го оштетиле ССМ за околу 15 милиони денари, или околу 250 илјади евра. Митревски вели дека по исклучувањето, во ССМ сега остануваат 13 гранкови синдикати.

Синдикатот на управата, правосудството и здруженијата на граѓани, Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство, Агросиндикатот и Синдикатот за угостителство и туризам се исклучени од ССМ. Во четвртокот вечерта, Митревски, со полициска асистенција и приватно обезбедување ги исфрли претставниците на овие синдикати од објектот на ССМ.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG