Достапни линкови

Борба за власт и во ССМ


Прес-конференција на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството на Македонија (СИЕР), Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните работилници (СУТКОЗ) и АГРО Синдикатот
Прес-конференција на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството на Македонија (СИЕР), Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните работилници (СУТКОЗ) и АГРО Синдикатот

ССМ исклучи четири синдикати. Од овие синдикати велат дека не се работи за синдикални превирања, туку за борба за опстанок во Синдикатот. Претседателот Митревски ги затвори вратите за лидерите на овие синдикати, обвинувајќи ги дека ја спречувале работата на ССМ.

Од денеска вратите на Сојузот на синдикати се затворени за околу 25 000 синдикалци кои се членови на четирите најголеми синдикални организации, УПОЗ, СИЕР, СУТКОЗ и АГРО. Ваквата наредбата доаѓа по вчерашната седница на Советот на која било одлучено од членството во Сојузот да се исклучат горенаведените синдикати.

В.Д Претседателот на ССМ, Дарко Димовски вели дека седницата е нелегитимна, затоа што на истата немало кворум и, како што вели, актуелниот претседател Живко Митревски ги злоупотребил советниците, вршејќи им притисок да гласаат како што тој сака.

Претседателот на УПОЗ, Пеце Грујовски уверува дека она што се случува во ССМ не се синдикални превирања, ниту пак борба за фотелја, туку борба за опстанок во Синдикатот.

„Синдикатот одамна е окупирана организација од Живко Митревски која повеќе служи на некои други структури и наредбодавачи. Бараме поддршка во борбата за зачувување на синдикатот. Одамна на ССМ му е дијагностициран карцином,кој е отстранет но се уште има делови кои работат внатре. Треба негово целосно отстранување ако сакаме да имаме вистински синдикат и оваа куќа на работниците да ја извадиме на прав пат,“ изјави Грујовски.

На обвинувањата одговори претседателот Живко Митревски. Тој тврди дека суспензијата на четирите гранкови синдикати била донесена едногласно и со мнозинство гласови на советниците. Вели дека вратите на ССМ остануваат отворени за членовите и на тие синдикати, но не и за нивните лидери.

„ССМ веќе подолг временски период се соочуваше со упади од страна на четворицата претседатели на грански синдикати кои во обид да го реализираат влијанието на политичките и бизнис структури во континуитет, вршеа опструкција во работењето на ССМ, фокусирајќи се на предизвикување на интриги, афери и спречувајќи го работењето на Синдикатот,“ изјави Митревски.

Митревски ги обвинува Грујовски, Ристевски, Димовски и Даневски за фалсификување на документи, злоупотреба на службената положба, грубо кршење на Статутот и обид за насилно рушење на, како што вели, легитимно избраното раководство. Митревски вели дека овие синдикати не платиле членарина за две години или уплатиле помалку членарина, со што предизвикале оштетувања во финансиското работење на Сојузот.

Ваквите обвинувања ги отфрлија од АГРО синдикатот.

„Агросиндикат во целост ги исполнува обврските по однос на финансиите кон Сојузот и во целост ги исполнува обврските за одржување на зградата. Досега во последните десет години нема никакво задоцнување, намалување или откажување, изјави Живко Даневски претседател на АГРО синдикатот.

Од вчера Митревски користи и лично обезбедување, кое денеска не им ги отвори вратите на членовите на спорните синдикати. Оваа одлука ја правда со, како што вели, потребата од засилена контрола за безбедноста за време на празниците, но и најави за насилно влегување во зградата на Синдикатот, додека од УПОЗ истакнаа дека се работи за одлевање на големи суми пари од касата на ССМ за негова лична заштита.

Следните чекори исклучените синдикати не ги откриваат, но велат дека взаемно ќе ги усогласуваат. Оттаму уверуваат дека нивните напори во обидот да ги заштитат правата на работниците ќе продолжат без намален интензитет.




  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG