Претседателите на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство, Синдикатот за одбрана, за управа и правосудни органи и синдикатот на работниците од угостителство и туризам го обвинуваат Митревски дека користел скриени жиро сметки на ССМ, своеволно и без одлуки трошел средства од меѓународни институции, продавал имот, и со парите од сојузот си купил животно осигурување.
По изводот што го имаме од трансакциска сметка на Едукативниот центар на ССМ, ние видовме на тој износ дека се потрошени пари за кафеани и хотели, ако може така да го протолкувам.Дарко Димовски, секретар на Советот на ССМ.
Секретарот на Советот на ССМ Дарко Димовски вели дека од сметка на Едукативниот центар кој што не е заведен како правно лице, биле исплаќани фактури и по две илјади евра за ресторан во еден ден.
„По изводот што го имаме од трансакциска сметка на Едукативниот центар на ССМ, ние видовме на тој износ дека се потрошени пари за кафеани и хотели, ако може така да го протолкувам.“
Митревски тврди дека во Сојузот нема тајни сметки и дека работи транспарентно.
„Со оглед на тоа што сите завршни сметки се усвојуваат од надзорен одбор и идејата дека тајни сметки имало е апсолутно неточно, напротив секоја сметка е евидентира, и се реализира во согласност со законското и финансиското работење во Македонија и сите завршни сметки се усвојувани како од претседателството, така од советот така и од надзорните органи“, вели Митревски.
Претседателот на синдикатот на одбраната Ристо Ајтов вели дека сомнеж отвораат и записниците во кои се добива впечаток дека се допишувани одлуки за кои тие на седниците на претседатели не гласале за нив.
„Под некоја од точките на дневен ред на пример дека е убаво да имаме свој центар за едукација и ние ќе речеме да убаво е треба да се разгледа и толку од наша страна приказната завршува тука. И кога наеднаш во записникот изгледува цела одлука дека ние сме донеле цела одлука дека треба да се реновира сала на 6 кат, да се потрошат енормни средства“, вели тој.
Митревски додава дека е доста симптоматично што вакви инсинуации се јавува од истата група која не може да се соочат со фактот дека Митревски на конгресот победил едногласно.
„И загрижува уште факт дека истото се појавува кога претседателот Митровски води широк фронт и широка борба за остварување на правото на регрес за годишен одмор. Станува збор за синдикати исклучиво од јавен сектор кои навистина ниту го консултирале своето членство туку своите лични амбиции и своите желби да дојдат до одредени позиции во сојузот на синдикатите да ги искористат“, вели тој.
Тој додава дека ССМ работи според законот.
Сојузот на синдикати се финансира од членарина, од имотот за кој прибира кирии и од европските институции по основ на проекти, но за тоа колку пари влегле и колку излегле од оваа организација нема информација, тврди Димовски.
„ Во оваа институција јас прв пат сретнувам да се немало буџет за работење за 2014, или наназад за претходните години, сојузот нема буџет за работење и нас тоа не доведува до сомнеж дека парите се злоупотребуваат и ние не знаеме каде“, вели тој.
Митревски пак вели дека не може да се носи буџет затоа што Сојузот на синдикат не е трговско друштво.
„Значи Советот на Сојузот на синдикати на Македонија не е трговско друштво туку е организација која своите планови и приходи и расходи ги утврдува врз основа на завршните сметки и врз основа на плановите и расходите кои ги утврдуваат соодветните органи а тоа значи и претседателството и надзорниот орган“, вели тој.
На новинарските екипи денеска не им беше дозволени да присуствуваат на седницата на Советот, која како завршна седница за годинава, во текот на минатите години беше јавна. Обезбедувањето на врата им ја пренесе пораката на новинарите од претседателот на ССМ дека тој одлучил ова да биде затворена седница за јавноста.