Достапни линкови

Најмногу коментари за минималната плата


Дали може да се преживее со минималната плата во Македонија? Неделното интервју со претседателот на ССМ, Живко Митревски, ги предизвика читателите да дадат свое мислење.

Не знам дали човеков живее во МК или на Марс?. Вака го коментира Физио од Скопје кажаното во неделното интервју за Радио Слободна Европа на македонски со претседателот на Сојузот на синдикатите, Живко Митревски. Всушност, сите, околу 60-ина коментари, на веб и на Фејсбук страниците, се на оваа линија и буквално нема ниту еден посетител или слушател кој се согласува со Митревски.

Кога ги менуваат колите, тоа се спроведува во согласност со светските практики, а кога станува збор за правата и за платите, тогаш нема потреба да се споредуваме со другите.
Коментар од читател.

Петко од Подржикоњ со цинично смеење прашува дали некој му верува, а Пејот од Странство вели: „Кога ги менуваат колите, тоа се спроведува во согласност со светските практики, а кога станува збор за правата и за платите, тогаш нема потреба да се споредуваме со другите“. Јосиф Давидов го прашува првиот синдикалец како да преживее четиричлено семејство со предвидената минимална плата од 8.050 денари, а трошоците за живот во март, според пресметките на Синдикатите биле 32 илјади и нешто.

Третиот човек во државава (добро де, по Устав е така, инаку е прв) е сезнајко и многумина веројатно му завидуваат. На народен јазик кажано, тоа би било како хаусмајстор во една зграда.
Коментар од читател.

Потпишан со Шумар шумарски, го потсетува Митревски дека и кога работел во тоа претпријатие бил избран за претседател на гранковиот синдикат со одбрани делегати и без ниту еден противкандидат и го прашува дали му доликува на еден синдикален водач своето лидерство во гранковиот синдикат да го прославува на вулгарен начин со „танчарки со голи мешиња“, зошто се согласил на промена на колективниот договор на работниците од шумарството и дрвната индустрија со кој им се кратат правата, на двократно намалување на платите од по 20 отсто, дека зема плата од две места и дека не е Путин, како што напишал, да остане претседател на гранковиот синдикат веќе 25 години.

Перо го потсетува Митревски дека 1 Мај не е за да седне на маса и не(и)што да не договори, туку за да им се оддаде почит на работниците во Чикаго кои прв пат се кренале на штрајк и дека состојбата на нашата работничка класа, благодарение на овој синдикат, е како во Америка, некаде пред 1886 година.

Интересна е пораката на редовниот Пиле, кој ни забележува дека, според него, поради „цензура и самоцензура“ сме интервјуирале само поддржувачи на политиките на власта.

По нашата анализа за владините реклами кои во последниве две и пол години ја чинат Владата 18 милиони евра, и за последната кампања за здрава исхрана, има неколку коментари, од кои како интересни ни се видоа оние на Мартин од Куманово кој смета дека премиерот треба да се занимава со долгот што го има Владата од четири милијарди евра, како и на Перо кој напишал: „Третиот човек во државава (добро де, по Устав е така, инаку е прв) е сезнајко и многумина веројатно му завидуваат. На народен јазик кажано, тоа би било како хаусмајстор во една зграда.“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG