Господине Попоски, со соседна Грција во изминатиов период работите на градење доверба. До кога? Има ли некакви промени, некакво приближување на ставовите за името?
Мислам дека двете работи треба да ги одвоиме. Од една страна работиме и ќе работиме на создавање на доверба и тоа ни е неопходно многу повеќе од која било друга работа. Во овој момент не можам да кажам дека имаме ни приближно толкав напредок во однос на името, пред сè бидејќи политичкиот контекст не е поволен за тоа. И Грција се соочува со сериозни политички проблеми, и Македонија се наоѓа еден поголем период во предизборие. Такво крупно прашања со толку сериозни последици мора да го решаваат влади со силен мандат и со јасна одлучност на решавање на тој проблем. Во меѓувреме мислам дека ја правиме најбитната работа, а тоа е градиме доверба со конкретни проекти, со конкретна соработка.
Како можете да гарантирате дека нема да има притисоци врз администрацијата за изборите?
Никој не може да го гарантира тоа во која било земја, но она што може да го направиме е да имаме механизам за какви било нерегуларности да може да бидат соопштени, споделени и доколку постојат нерегуларности, да има санкционирање. Тоа е системот, тоа се изборите. Инаку, однапред некој да каже дека нема да има каков било тип на појави кои може да бидат оценети како негативни во изборен процес е крајно наивно. Јас не верувам дека може да има таков изборен процес во кој однапред би рекле дека сè мора да биде идеално. Не знаеме. Ќе дознаеме кога ќе завршат изборите и кога ќе излезе извештајот.
Доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на овие избори на 11 декември, дали се гледате себе си како нов лидер или нов претседател на оваа партија?
Не, има и лидер и претседател партијата.
Во јавноста најмногу се шпекулира со вашето име за нов премиер доколку победи партијата.
Не, верувам дека тоа се злонамерни шпекулации кои очигледно сакаат да наштетат некому. Не верувам во тоа.
Немате амбиција?
Не.
Целото интервју со вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.