Многу нејаснотии остануваат за одлуката на владата во врска со организациите и училиштата што во Македонија се поврзуваат со турскиот свештеник Фетула Ѓулен. Иако одлуката е донесена пред три дена од Mинистерството за надворешни работи и од владата не откриваат што точно е одлучено. Од вчерашниот непрецизен одговор на шефот на дипломатијата Никола Попоски не може многу да се открие, освен дека е зборувано за тоа барање на официјална Анкара. Тој вчера рече дека „владата има донесено одлуки, a сите одлуки кои би ги носеле и ќе ги носат ќе бидат во согласност со нашето законодавство и нашите национални интереси“.
Според поранешниот амбасадор Благој Зашов, ваквото тактизирање во објавувањето на детали од одлуката најверојатно се должи на чекање на реакција од стратегиските партнери на земјава, пред сè од Соединетите Американски Држави.
„Македонија мора да води сметка за своите интереси пред сè, но во исто време би требало да се позиционира, така што во конкретниов случај нема да биде и против одлуките што САД, како наши главни партнери ќе ги спроведуваат, особено што е тоа поврзано со престојот на Ѓулен во САД“, вели Зашов.
Некои медиуми што важат за блиски до власта, повикувајќи се на неофицијални информации, објавија дека владата усвоила мерки за ограничување на организациите поврзани со Ѓулен, што опфаќало затворање на невладини и образовни институции за кои власта од Анкара испратила барање.
Турската агенција Анадолија минатиот месец објави список со фирми во Македонија кои се сметаат за блиски до Ѓулен. Најекспонирано во јавноста е училиштето Јахја Кемал, но од таму велат дека се работи за инсинуации и шпекулации.
„Воспоставиме контакт со министерот за образование и нам ни е кажано дека важи изјавата на министерот од петти август - подгответе се со школото и почнете со работа. Што може да пишува во забраната? Инспекцискиот надзор во седум области од образованието што го имавме го поминавме со највисока можна оценка – 4.00“, вели Суреа Таук, директор за односи со јавноста во Јахја Кемал.
Тој додава и дека во нивните училишта има околу 2000 ученици и 426 вработени.
Според поранешниот министер за образование Ненад Новковски, за затворањето на училишта има строги законски ограничувања кои се поврзуваат со квалитетот и законитоста.
„Кога се работи за образование, тие активности треба да се преземаат на подолг рок, сигурно дека не е допустливо неколку дена пред почетокот на учебната година да бидат правени такви сериозни промени“, вели Новковски.
Непосредно по објавувањето на веста за одлуката претседателот Ѓорге Иванов заминува во Турција. Посетата како што информираат од неговиот кабинет е на покана на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и негираат дека ова имало каква било врска со одлуката на владата, туку дека поводот бил присуство на свеченото отворање на третиот мост над Босфорот.