Достапни линкови

Духот и ритамот на Мисисипи во постземјотресно Скопје


Тери Еванс, еден од припадниците на легендарната генерација на американски блуз и соул пејачи, старите познаници РО ХАЈД од соседна Србија, Гркот Били Мерзиотис – следбеникот на Гери Мур и неговите АФТЕР АУАРС и ѕвездата во подем – гитаристот Рајан Мекгарви со феноменалниот басист Кармајн Рохас како гостин, се учесниците на годинашново 20-то издание на „Блуз и соул фестивал“, што е планирано да се одржи на 18, 20 и 21 септември, во скопскиот „Сити хол“.

Скопје, од недела натаму, наместо во егзистенцијалниот постземјотресен блуз ќе има можност да потоне во оној вистинскиот. Во блузот и соулот – музиката која извира од крикот за слободата да се биде човек и да се пулсира во ритамот на обичноста. Моќно и силно. До последниот атом во телото. До последната трепетлива емоција.

Во тие три септемвриски ноќи, овој пат ќе имаме можност да проследиме внимателно одбрана програма која ни ги донесува изведбите на Тери Еванс, еден од припадниците на легендарната генерација на американски блуз и соул пејачи, старите познаници РО ХАЈД од соседна Србија, Гркот Били Мерзиотис – следбеникот на Гери Мур кој овде доаѓа со неговите АФТЕР АУАРС и ѕвездата во подем – гитаристот Рајан Мекгарви со феноменалниот басист Кармајн Рохас како гостин. Но, да тргнеме со ред.

„Овој соул и овој блуз се однесува на обичните луѓе. Само ним им е потребен глас кој нималку не е обичен. Поетика која најдиректно ќе ги допре и ќе им се обрати. Ете тоа е она што тој го прави најдобро. Присутните мора да го видат Тери во тоа светло и да внимаваат на него. Тери Еванс има толку многу да даде и сето тоа е навистина добро.“

Вака Рај Кудер во неколку збора ќе го опише својот долгогодишен пејач, човекот чиј музички пат започнува на делтата на Мисисипи и кој во текот на својата долга и плодна кариера имал можност да стои рамо до рамо и со Џон Фогерти, со легендарниот Џон Ли Хукер, СТЕЈПЛ СИНГЕРС, Боз Скагс, Џоан Арматрединг, Марија Мулдаур... Со Кудер, Тери Еванс ги сними класичните „Chicken Skin Music“, „Get Rhythm“, „Slide Area“ и „Show Time“, упатените го паметат и по неговото учество во реализацијата на филмот „Crossroads“, по исклучително успешниот дует со Боби Кинг, по неговите осум соло објави од кои „Puttin' It Down“ е вистинско ремек дело и од поново време по успешната соработка со извонредниот холандски гитарист Ханс Тсиник. На „Блуз и соул фестивал“ доаѓа во рамките на неговата европска турнеја на која го носи со себе исклучителниот слајд-гитарист Џо Коломбо.

А, по деценија и половина во Скопје наново ќе ги видиме и чуеме РО ХАЈД – еден од најстарите и најдобрите блуз бендови во регионот. Основан во 1982 година од Јован Илиќ, кого патем добрите познавачи на блузот го вбројуваат во редот на најдобрите инструменталисти на усна хармоника, блузот на бендот почива на традиционалните вредности на жанрот и потребата да ги следи современите стремежи што се случуваат на светската сцена. Конечно РО ХАЈД зад себе имаат три дискографски остварувања, бројни настапи на фестивалите по Европа, настапи со великаните како Луизијана Ред, Меџик Слим и неизгаслива потреба за клупски свирки.

Роден 1979 година во Атина, Били Мерзиотис, пак, важи за еден од најпознатите грчки блуз-рок гитаристи. Тој зад себе има две објави, многу отсвирени регионални фестивали, настапи со бендот на Алис Купер, репертоар од свои оригинални и композиции на големите Хендрикс, Стив Реј Вон, БЕД КОМПАНИ и важи за исклучителен интерпретатор за оставштината на својот идол Гери Мур.

И, за спуштање на завесата на фестивалот, во среда на 21 септември, оставен е моментално еден од најатрактивните млади американски блуз гитаристи Рајан Мекгарви. Меѓу првите кои го забележаа неговиот потенцијал беше Ерик Клептон кој го поканил да свири на својот прочуен Кросроудс фестивал на кој настапуваат само најдобрите. И по еден таков влез во големото друштво, младиот гитарист довербата ја оправда со дузина награди при разните доделувања (посебно е значајна онаа на Гитар плејер, на пример) по што за него уследија покани да биде на сцената со маркантни имиња како Џеф Бек, Бади Гај, Ворен Хејс, Џо Бонамаса... Мекгарви, одработувајќи ја европската промотивна турнеја за албумот „The Road Chosen“, со себе ги поведе тапанарот Кристофер Хјуџис и басистот Кармајн Рохас.

И, кога сме веќе кај него, излегува дека тој е едно од најзвучните имиња на актуелниот „Блуз и соул фестивал 2016“. Еве и зошто. Рохас цели четири години ( 1983 – 1987) му го чуваше грбот на Дејвид Боуви оставајќи силна трага на класиците како „Lets Dance“, „China Girl“, „Blue Jean“, потем се мафташе околу со Род Стрјуарт, па беше во бендот на Бонамаса, свиреше и со Тина Тарнер, Стиви Вондер, Стив Реј Вон, Би Би Кинг, Мик Џегер, Стив Винвуд, Херби Хенкок, Карлос Сантана и уште мнозина други големи и комерцијални имиња.

Сè на сè, ни претстојат три врели ноќи во кои добиваме можност наново да бидеме дел од светот во целата негова ритмична разноликост. Да им се препуштиме на изведбите на артистите, на големите мајстори кои со сето срце ги живеат и тркалаат блузот и соулот. Катадневно и бескомпромисно во времево на лабилни вредности.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG