Достапни линкови

Во блузот се опишува животот на обичниот човек


По серијата промотивни локални свирки за третиот, штотуку објавен албум „Градско дете“, прилепскиот КРОСРОУД БЛУЗ БЕНД, на 10 јули го започнува новиот летен балкански освојувачки поход. Дворчанец, Нешковски, Шилоски и Настески, во само 20 дена ќе одржат исто толку концерти во клубовите во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и во Црна Гора.

„Каде е крајот?“ е нашата прва снимена песна. Ја снимивме „партизански“ во некогашната РТВ Прилеп. Оригиналот е на Џон Хајат, а јас ја знам „Where Is The Next One Coming From?“ во изведба на Бади Гај од неговиот албум од 1991 година - „Damn Right, I've Got the Blues“. И, буквално така се чувствував – јас навистина работев на паркингот, автомобилот ми ’рикна‘, девојката ме лажеше. Работите некако ми се споија и многу брзо го напишав текстот. Исто беше и со „Гладен блуз“. Дани Вајлд го слушав во навистина тешки моменти за мене – почина мајка ми и јас останав сам дома. Без никого. Во еден момент го отворив фрижидерот и во него видов само промаја. Ова е жива вистина.

Вака Александар Дворчанец - Сале, вокал и усна хармоника, автор на текстовите, ја почнува сторијата за песните забележани на третиот албум во безмалку дводецениската опстојба на прилепскиот КРОСРОУД БЛУЗ БЕНД. „Градско дете“ доаѓа по речиси деценија и половина од деби изданието „Тутун блуз“ и по само две години од „Still Living The Blues“ (на кој патем беа поместени осум обработки на стандарди од легендарните Вили Диксон, Слим Харпо, Вили Кобс, Џи Џи Кејл и други), и покрај погореспоменатите видувања на темите на Гај и Вајлд, донесува уште осум оригинални песни отпеани на македонски јазик на двоецот Дворчанец – Бранко Нешковски, кои, во случајов, како забревтана машина зад себе ги имале басистот Александар Шилоски и Зоран Настески зад тапаните.

„Инспирацијата за песните е од животот на обичниот човек. Од оној што го среќаваме на овие валкани улици во Македонија. Неговите проблеми и премрежија. Тие текстови се фактички автобиографски. Јас сето тоа го доживеав. Тоа е жива вистина. Тука нема лага. Во блузот се опишува точно животот на обичниот човек“, вели Сале.

Тој појаснува дека сите овие песни тие поодамна ги имале на репертоарот и дека често ги свиреле пред публиката, а дека самиот процес на нивно бележење во студиото им поминал некако многу брзо. Биле готови за нецел месец вклучувајќи го тука и снимањето на 10-те видео клипови што ќе ги следат аудио записите, што е редок, ако не и единствен пример, на домашната музичка сцена.

„Долго време сум во светов на музиката во Македонија, па ајде да речеме и малку пошироко, и досега не сум чул за бенд што направил за 10-те песни од албумот исто толку видео спотови. Ние бевме наместени во Домот за култура Марко Цепенков“, таму сами си направивме сценографија и сè што треба си донесовме и си почнавме да си снимаме. Си викнавме еден наш пријател кој има доста добра опрема и ајде, чисто онака, си снимаме спот. Си снимивме 10 спота од кои само еден е издаден – од насловната песна „Градско дете“. Другите ги чуваме оти не знаеме како да ги пласираме. Ќе видиме. Ние сме музичари. Немаме човек за маркетинг. Сами ги биеме битките“, вели тој.

Дворчанец дополнува дека нема слух за блузот, за овој вид на музика овде во Македонија. Но, од друга страна, тој истакнува дека тие како бенд стекнале убава армија на поддржувачи секаде онаму каде што имале можност да се искачат на сцена. И кај нас дома, но посебно во земјите од регионов. Вели дека таму „ударната игла“ бил нивниот настап со денес светски големата Ана Поповиќ на Блуз фестивалот во Мостар во 2011 година. Од тогаш нивните летни балкански турнеи станаа практика, па затоа не чуди што од 10 до 30 јули, во само 20 ноќи ќе отсвират исто толку концерти по клубовите од Врање, преку Ниш, Белград, Нови Сад, Опатија, Сплит, па сè до Никшиќ.

„Луѓето нè знаат. Доаѓаат на нашите концерти, нè слушаат и уживаат во нашата изведба. Посебно во Хрватска. А кога ќе се одбијат трошоците излегува дека свириме за ситно. Повеќе ќе се измориме отколку што треба, јас не знам колку витамини треба да носиме со нас, се откажуваме од приватниот живот, ама пак ете нешто нè тера наново и наново да тргаме на пат. Идеологијата на блузот е таа. Не е само онаа реченица што сите ја спомнуваат – кога добриот човек е тажен. Не е само тоа. Тоа е само нешто кажано така. Во блузот има многу душа. Како блузот нема ниедна друга музика. Тука се чувствата, тука е тагата, тука е љубовта, веселбата, тука е сè“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG