Достапни линкови

Сонот конекција меѓу минатото, сегашноста и иднината


По само една недела од отворањето на големата тематска самостојна изложба „Древниот сон“ во Националната галерија на Македонија – објект Мала станица, Тони Чатлески еве го со уште една ликовна постановка. Тој, во Безистен, во Старата скопска чаршија, од овој четврток, 9 јуни, ја претставува својата серија портрети - „Душата на човекот“.

Деведесеттина дела настанати во последниве две години го чинат актуелниот циклус „Древниот сон“ со кој прилепскиот уметник Тони Чатлески ја окупира Националната галерија на Македонија – објектот Мала станица. Станува збор за развивање на идејата зачната со претходната изложба „Во ритамот на самбата“ која премиерно беше претставена пред две години во Москва и за постановка со која тој на виделина го вади влегувањето во една нова димензија, својата нова животна филозофија. Од таму, не чуди кога ќе рече дека ако со претходниот циклус „како првиот човек ја претставил радоста на живеењето, сега веќе како средовечен маж нормално се прашува – која е смислата на животот“.

„Во основа „Древниот сон“ како циклус ми е потрагата по смислата на живеењето. Според мое размислување и според сето она што го имам доживеано, сфатив дека континуитетот на вечниот човеков живот кон кој сите се стремиме единствено можеме да го доживееме, да го осознаеме, да навлезиме малку во него преку сонот. Сонот е конекцијата меѓу древното минато, минатото, сегашноста и иднината. Во основа сонувам и секвенци преку кои јас, ете, начнам во тој континуитет на вечниот човеков живот“, вели Чатлески.

Мојот најголем интерес е разбудувањето и на сопствената, но и на сечија фантазија. Фантазијата, според мене, е најбитната работа за овој наш занает.
Тони Чатлески, уметник.

Уметникот појаснува дека овие размисли и сознанија сигурно во некоја форма ќе се појават и во идното негово творештво. Потенцира дека за толку кратко време не можи да се промени расположбата, влијанието... но истакнува дека дефинитивно ќе има одредени исчекорувања во самиот начин на она што следствено ќе сака да го претстави.

„Покрај мисловното мене многу ми е битна и техничката изведба каде во основа сакам да внесам времени елементи кои разбирливо би биле во тек со денешнинава, но и можеби малку футуристички. Мојот најголем интерес е разбудувањето и на сопствената, но и на сечија фантазија. Фантазијата, според мене, е најбитната работа за овој наш занает. “

Чатлески знае да каже дека притоа и реалноста има големо влијание и покрај тоа што тој како уметник, та и мнозина негови колеги, се трудат да ја тргнат на страна и да чекаат инспирацијата да им излезе потсвесно.

„Сликарството е индивидуална работа. Ако за другите уметности, за театарот, за музиката станува збор повеќе за колективна уметност, сликарството е чисто индивидуална уметност каде уметникот е сам со себе во атељето, со својата слика...и не може да кореспондира со други личности. Ова значи дека секогаш сме оставени сами на себе и така честопати се исклучуваме од реалноста. Според мене тоа е и потреба бидејќи, сепак, оваа гранка – сликарството е најегоистичната уметност затоа што тогаш ние сме поврзани сами со себе и најмногу комуницираме со самите себе си. “

Од друга страна, говорејќи за изложбата „Душата на човекот“ што се одржува во галеријата „Бадабум“, во Безистен, уметникот информира дека станува збор за постар циклус на портрети и фигури за кој дури сега му се укажала можност да и го претстави на главноградската ликовна публика. Потсетува дека инспирацијата за него извира од госпел-блуз класикот со истото име на големиот Блајнд Вили Џонсон, снимен во периодот од 1920 до 1931 година. Потем и од компилацискиот албум и документарецот на режисерот Вим Вендерс, како дел од серијалот на Мартин Скорцезе.

„Кога велиме „Душата на човекот“ тоа е во суштина влегување во психологијата на човекот. Јас во тој период првенствено се интересирав да ги фатам, да ги претставам човековите состојби и размисли. Дали се работи за радост, тага, меланхоличност...Значи не за потрет кој би бил како лик фотографски идентичен, туку за портрет во кој можеме да проникнеме во карактерот, во душата на човекот. “

Инаку, роден 1967 година во Прилеп, Тони Чатлески дипломирал на Факултетот за ликовни уметности – отсек сликарство во Скопје, во 1993 година, во класата на напрофесорот Танас Луловски.

Една деценија подоцна магистрирал на истата високошколска установа кај професорот Јован Шумковски, а зад себе има 12 самостојни изложби во земјава, во соседните Бугарија, Србија и Црна Гора и на два пати изложувал во далечна Русија.

Учесник е и на дваесеттина групни изложби, а по Скопје – актуелниот циклус „Древниот сон“ ќе патува во поголемите градови од Македонија и во државите од регионов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG