Достапни линкови

Подготовки за избори, а неизвесно дали ќе ги има


Роковите за изборите течат. Три од четирите потписнички на пржинскиот договор сметаат дека нема услови за избори во јуни, иако дел од нив не излегле со официјален став. Засега само ВМРО-ДПМНЕ е за избори. Допрва следуваат проблеми и последици, сметаат аналитичарите.

„Кои избори? Се шегувате со мене?“ Оваа прашална реченица на претседателот на ДУИ Али Ахмети дадена како одговор на прашањето за изборите во интервјуто за австриски Стандард ги отвори дилемите во политичката јавноста за можноста и владиниот коалициски партнер да го бојкотира петти јуни.

Ова веќе не е внатрешно политички проблем како што беше во 1994 година. Ова е веќе поширок проблем и мислам дека многу брзо ќе се соочиме и со одговор од нашите меѓународни партнери, така што тоа би предизвикало подолготрајна штета и за самата владејачка партија и не ми се верува дека ќе се оди во тоа сценарио.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

ДПА пак засега не излегла официјално, но претседателот Мендух Тачи уште минатиот месец рече дека нема клима во јуни да се одржат фер и демократски избори. Ставот на СДСМ е непроменет- ќе ги бојкотираат изборите. Ако се случи од четирите партии потписнички на Договорот од Пржино само ВМРО-ДПМНЕ да оди на избори тоа ќе има негативни последици врз самата партија, оценува аналитичарот Алберт Муслиу.

„Мислам дека тоа би била трајна штета и за самото ВМРО-ДПМНЕ. Колку и да се прават паралели со случувањата во 1994 година, тоа е сепак невозможно. Ние сме земја кандидат за членство во Европската унија и констeлациите се други. Ова веќе не е внатрешно политички проблем како што беше во 1994 година. Ова е веќе поширок проблем и мислам дека многу брзо ќе се соочиме и со одговор од нашите меѓународни партнери, така што тоа би предизвикало подолготрајна штета и за самата владејачка партија и не ми се верува дека ќе се оди во тоа сценарио“, вели Муслиу.

Во меѓувреме роковите за изборите течат, а листите на кандидати за пратеници овластените претставници на предлагачите треба да ги достават до Државната изборна комисија најдоцна за девет дена, односно според роковникот до 11 месецов. Дополнителен сериозен проблем може да испадне доколку трите партии покрај тоа што не би оделе на избори одлучат и да ги повлечат своите членови од комисијата.

„Со оглед дека изборите се распишани, односно одреден е датумот подготовките течат, секоја одлука како повлекување на членовите во ДИК ќе биде политичка и доколку се повлече мнозинството членови во ДИК , тогаш доаѓаме во криза, нема мнозинство во Комисијата, службата не е надлежна да носи никакви одлуки и автоматски тоа значи блокирање на изборниот процес“, вели поранешниот претседател на ДИК Александар Новаковски.

Според него спорно би било и како би се повлекле партиските членови, ако оставката која што би ја поднеле нема кој да ја констатира оти Собранието е распуштено. Ако се повлечат, не одат на седниците и не учествуваат во работата на ДИК, а од друга страна има закон во кој се наведува дека тие професионално ја вршат дејноста, тоа ќе има реперкусии и за изборите, но и за самите членови кои за првпат би повлекле од работата по распишување на изборите, тврди Новаковски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG