Достапни линкови

Ќор сокак. Иднина јок


Јована Димушевска, волонтерка во Македонската платформа против сиромаштија.
Јована Димушевска, волонтерка во Македонската платформа против сиромаштија.

Македонија денес. „Што имаш завршено?“ „Електро.“ „Ааа, браво браво, туку колку ти се пиперкиве?“ Еее драги мои, а таму во фотелја седи некој со „Фторо одделение“. И како после да не си отиде човек од овде?!, пишува Јована Димушевска од Македонската платформа против сиромаштија во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Секојдневно слушаме како провладини потрчковци го фалат образованието, за студентите ова и она, автобуски билети, бесплатни влезници, реформи, младината, иднината... бла бла. Од друга страна пак, поболната, а сепак вистинита страна е дека образованието е труло, реформите смрдат на перење пари, студентите што вредат ги нема, оние што од штаб учат факултет и онака ништо не разбираат. Ќор сокак. Иднина - јок.

А ние овде ќе останеме да се докажуваме и обележуваме кои се потрчковци, а кои се соросоиди. Сите необразовани, никаков напредок, никаква прогресија, тапкање во место и објаснување на небитни работи. Оние што си заминаа се поголеми патриоти од сите вас што се пренемагате овде, што купувате дипломи, и добивате три прашања за шестка преку штаб.

Да почнам од почеток. Со години наназад владее трендот на етикетирање, па така ако не ја поддржуваш владината пропаганда за перење мозоци си „соросоид“, „платеник на СДСМ“ или „платеник на Заев“. Сė е исполитизирано. Сė е извртено во корист на едната страна. Помоќните. Како станале моќни? Од необразован народ! Зошто необразованата младина младоста си ја арчи по штабови, со кафе од автомат, а не на некое културно место, пример, театар, библиотека, младински центар? Се нема пари! Зошто немаме пари? Зошто сме необразовани! Од каде и да почнам пак на истото се враќам.

Високото образование. Машинерија за правење пари, перење мозоци, уценување и закани. Не дека средното нешто многу заостанува во однос на последните две ставки. Изминатата учебна година бевме сведоци на безброј закани од директори и наставници, уцени, заклучени врати, неоправдани. Зошто? Младите се бореа за подобро образование. Факултетите се исто, во исклучок на заклучените врати. Никој не не држи некаде против своја волја, но затоа многу често наидуваме на вистински заклучена врата. Никаде професор/ка, никаде термин за консултации. Да ги најдеш е нешто слично како да си добил/а на бинго. Со саати се чекаат редици. Беспотребно се купуваат скапи книги за еден потпис или право да полагаш. Нови парични казни се измислуваат секој ден, па дури и казна на казната. А на телевизија обрзованието ни цвета. И оди после објасни се со мајка ми како сум паднала и зошто не сум го нашла професорот/ката на факс. Во изминативе три години направија две нови програми за повеќето институти на Филозофски факултет. И сė е тоа супер. Ќе си рече човек - работат , се трудат да го усовршат образованието. Машала. Врска нема! Нема ништо ново, само нови проблеми за старите студенти. Се бришат предмети, се додаваат нови, никој ништо не знае, само додатни трошоци за студентите кои и онака немаат пари. Од тоа бришењето и додавањето нема ништо ново, туку тоа функционира на принцип, поголемите предмети поделени на два помали. Сė е исто, и професорите и материјалите. Нормално, со чест на исклучоци на оние на кои им се поклонувам до земја, пред сė се луѓе па потоа професори/ки кои не ги изгубиле паметот и вредностите во овој луд барабан.

Отприлика, на просечен студент да заврши на некој од државните факултети му се потребни минимум 5-6 години, неколку илјади евра, челични нерви, немање поим од достоинство, да биде опериран против омаловажувања, изгубено чувство за самопочит, 12 часа работа на ден да може да си го плати студирањето и казните што ги носи истото.

Законот за високо образование. Претчувствувам дека ова ќе биде една од поголемите смешки. Се буневме, штрајкувавме, протестиравме, окупиравме. Наидовме на еден куп истомисленици и со заеднички сили го спречивме донесувањето на новиот закон. Следното беше најмангупскиот потег. Не ви се допаѓа? Во ред! Ајде неколку професори доброволци, волонтерски да го изработат новиот закон. Греота. Ќе се изнамачат. Нема да ги видиме на факултет. Ќе патат студентите. На крај ќе им го одобрат со мали измени и пак сме дошле на истото. Освен, нели, во случај да се смени владата па да дојдат поразбрани луѓе. Ама па кога ќе ги погледнам и другиве, и нив за ништо не ги бива.

Младинска гаранција. Кога ќе ги сумирам сите услови во кои живеат младите, се трудат да станат образовани луѓе, да стекнат почит во општеството, потполно ги разбирам, сите до еден, од тие 600 илјади што решиле да си заминат. Во секоја развиена европска земја којашто се грижи за младите и за иднината, се залага за граѓаните, постои младинска гаранција. Што е младинска гаранција? Гаранција дека студентите по дипломирањето во рок од максимум 6 месеци ќе се стекнат со работно место соодветно на степенот и видот на нивното образование. Тоа во Европа. Македонија денес. „Што имаш завршено?“, „Електро“, „Аааа, браво браво, туку колку ти се пиперкиве?“ Еее, драги мои, а таму во фотелја седи некој со „Фторо оделение“. И како после да не си отиде човек од овде?! Почитувани како личности, работат во нормални услови, имаат можност да напредуваат, никој не им го заокружува ликот со црвен фломастер. Тие луѓе избрале да живеат, да работат, да создаваат и да уживаат. А ние овде ќе останеме да се докажуваме и обележуваме кои се потрчковци, а кои се соросоиди. Сите необразовани, никаков напредок, никаква прогресија, тапкање во место и објаснување на небитни работи. Оние што си заминаа се поголеми патриоти од сите вас што се пренемагате овде, што купувате дипломи, и добивате три прашања за шестка преку штаб. Нив ги боли што не се дома, што се далеку од тоа што го имале за свое, од своите, ама се навикнале. Вас ве купуваат со сендвич и пепси.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG