Темата за младите и нивните проблеми е сè поактуелна и e непресушен извор за да се напише и оваа колумна. Ќе зборувам од аспект на тоа дека, во периодов, од наша страна беа спроведени низа активности на темата младинска сиромаштија, младински активизам, перспективата и предизвиците на младите во Македонија. Сè на сè, доста активности кои се посветени на овој дел. И сега сигурно се прашувате што сè е кажано, детектирано, направено и како младите се чувствуваат кога треба да дебатираат на овие теми.
Не е лесно да се идентификуваш како сиромашен, не е лесно да кажеш дека немаш мотивација, дека си во депресија, дека немаш никаков предизвик или перспектива во својата татковина.
Па, драги читатели, се разбира, на младите им е нелагодно и сигурно ќе се прашате пак, зошто?
Затоа што не е лесно да се идентификуваш како сиромашен, не е лесно да кажеш дека немаш мотивација, дека си во депресија, дека немаш никаков предизвик или перспектива во својата татковина.
Да, тоа е вистината, кога ќе пребараш на интернет и ќе видиш како стојат работите со младите и нивната невработеност, ќе го најдеш следниот податок: состојбата со младите од Европа на пазарот на трудот, односно стапките на невработеност достигнуваат и до 23,4 отсто во 2013 год. ( ЕУ-28, Еуростат), податокот се однесува за сите 28 земји членки на ЕУ. Состојбата со младите од Македонија на пазарот на трудот, односно стапка на невработеност кај младите во прво тромесечје во 2015 изнесува 47,6 отсто на возраст од 24-29 години и 53,9 отсто на возраст од 15-24 години.
И сега сметам дека го добивте и одговорот зошто, за пишаното погоре. Кога ќе не прашат зашто младите ја напуштаат државата, може слободно да се каже, затоа што младите во Македонија немаат квалитетен живот. И како мало појаснување, квалитетот на живот се однесува на благосостојбата на луѓето. Тој опфаќа повеќе компоненти, меѓу кои едни се мерливи, како на пример - животниот стандард, а други се немерливи, како на пример - среќата, слободата во изборот, здравјето, животната средина, слободното време, сигурноста, образованието, општествениот живот итн.
Сега добиваме и одговор и на тоа прашање. Каков квалитет на живот се има според првата мерлива компонента, финансиите?
Со минимална плата која не овозможува квалитетен живот, со работа на црно која премногу влијае на квалитетот на животот, со долго време чекање на пазарот на труд, со 100 денари од мама или тато, нема ни К од квалитетен живот. А, кога станува збор за немерливите компоненти, среќата, слободата во избор, здравје, општествен живот и слично, мислите дека е обезбеден и овде квалитетот на живот, но не драги мои, не е. Сè тука се сведува на нула. Како би воделе сметка за здравјето, кога немаш услови за тоа од аспект на здрава и квалитетна храна, немаш услови за контроли и слично. Каква среќа, кога немаш можност да се израдуваш на ништо, затоа што самиот живот те ставил во барабан и те меле и меле, без да можеш да кренеш глава и да кренеш глас, да кажеш јас сум жив, јас сум млад, сега треба да сум продуктивен, а најмалку па да имаш и општествен живот.
Кога ќе не прашат зашто младите ја напуштаат државата, може слободно да се каже, затоа што младите во Македонија немаат квалитетен живот.
И сега се враќаме на самиот наслов, односно кои се предизвиците на младите во Македонија?
Па, да ви кажам, прво и основно, е вадење на бугарски пасош, второ пакување на куферите и карта во еден правец и директ во некоја добра европска земја.
Можеби и таму не цветаат рози и не е сè розово, но сепак, како што велат, условите за обезбедување некаква сигурност и работа е далеку подобро, ќе им дозволат барем да ги задоволат потребите и секако да имаат квалитетен живот во поголема мера од овде.
И сè е тоа затоа што не се слуша гласот на младите, затоа што се изолирани, затоа што не се препознаени како партнери во процесот на правилно креирање на политики, кои во основа треба да ги решат сите нивни проблеми.
А, тие што сепак се останати овде, својата перспектива ја гледаат во промените, односно тие, како двигател на промени и самото општество, а мора да признаеме дека во овој изминат краток период активизмот кај младите се разбуди и воедно станаа гласни за сè тоа што им пречи.
Да, така се креираат услови за нормален, достоинствен и квалитетен живот. Секој од нас треба да се запраша и воедно да го пронајде предизвикот во овој процес и да се каже, да јас го сакам ова, јас сум задоволен од ова и тоа така треба да биде.