Достапни линкови

Зошто младите бегаат од државата?


Младите најчесто се иселуваат поради економски причини. Во отсуство на анализи и точни податоци потешко е да се направат политики за спречување на иселувањето. Опозицијата во Собранието бара да се разгледаат причините.

Висока невработеност, мали плати, финансиска зависност, низок животен стандард, со еден збор економските причини се примарни за иселување на младите, но има уште низа други кои ги тераат младите да трагаат по подобар живот.

Зошто еден студент ако има избор да живее во студентски дом во странство или во студентски дом во Скопје, зошто би направил избор да живее тука? И зошто младите луѓе би сакале да останат во градови кадешто нема ниту едно кино што може да го посетат, а камо ли некоја побогата или поалтернативна културна понуда.
Дона Костуранова, МОФ.

Дона Костуранова, извршен директор на Младински образовен форум (МОФ), вели дека економските фактори се меѓу пресудните, но тука се и квалитетот на образованието, културните можности, можностите за вработување, социјалниот живот.

„Ако го погледнеме животот кој го живее еден млад човек, особено за тој кој не е од Скопје има многу работи коишто треба да не загрижуваат. Зошто еден студент ако има избор да живее во студентски дом во странство или во студентски дом во Скопје, зошто би направил избор да живее тука? И зошто младите луѓе би сакале да останат во градови кадешто нема ниту едно кино што може да го посетат, а камо ли некоја побогата или поалтернативна културна понуда“, вели Костуранова.

Архивска фотографија - 23. годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Архивска фотографија - 23. годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа додава дека недостасува анализа и точни информации за тоа колку луѓе си заминале од земјата, на која возраст, кој е нивниот профил, кога и од кои причини си заминале. Потребни се анализи за да се креираат политики со кои би се надминал овој проблем, вели Костуранова.

Можеби, како што кажуваат тие, во другите држави ќе бидат граѓани од втор ред, можеби ќе треба да работа и две работи, меѓутоа на некој начин ќе ја имаат оваа безбедност, односно самиот систем на социјална заштита им дава некоја сигурност доколку останат без работа да можат да се снајдат додека бараат работа.
Сашко Јованов, Платформа за борба против сиромаштија.

„Делува дека волјата младите луѓе да бидат чуени, да кажат што е тоа што им треба од институциите не е голема, а уште помали се средствата кои институциите ги вложуваат во подобрување на животот на младиот човек. За вистински да се преземе нешто приоритет треба да биде обезбедување на податоци, за да знаеме ние, да провериме - дали нешто се променило за пет или 10 години, но тоа нè спречува општо политиките коишто се креираат во кои фокус може да земат и младите луѓе, да го добијат тој фокус и да се прават мерки директно наменети за нив.“

Сашко Јованов од Платформа за борба против сиромаштија вели дека младите не веруваат многу во институциите, малку се вклучени во процесот на креирање политики, особено на локално нови и затоа мигрираат во поголемите градови или надвор од државата. Младите сметаат дека во другите држави ќе ги задоволат своите потреби во однос на сигурноста и обезбедување квалитетен живот, вели Јованов.

Архивска фотографија - Младите социјалдемократи од Струмица го прославија роденденот на претседателот на СДСМ Зоран Заев.
Архивска фотографија - Младите социјалдемократи од Струмица го прославија роденденот на претседателот на СДСМ Зоран Заев.

„Можеби, како што кажуваат тие, во другите држави ќе бидат граѓани од втор ред, можеби ќе треба да работа и две работи, меѓутоа на некој начин ќе ја имаат оваа безбедност, односно самиот систем на социјална заштита им дава некоја сигурност доколку останат без работа да можат да се снајдат додека бараат работа“, вели Јованов.

Опозициските пратеници до Собранието поднесоа барање да се разгледаат причините за иселувањето на граѓаните од земјава, особено на младите. Иако првично оваа точка беше меѓу првите на дневен ред на пленарната седница, потоа беше ставена за 100-та, односно последна. И опозицијата во отсуство на домашни информации и податоци во доставената Информација се повикува на Извештај на Светска банка, објавен во 2010 и податоци од Еуростат за периодот од 1998 до 2012. Во Извештајот на Светска банка се наведува дека Македонија е рангирана на 23-то место во група од 25 земји со најмногу иселеници. Во него е нотирано дека 447 илјади македонски граѓани се иселени од државата заклучно со 2010, што е 21,9 процент од вкупното население на Македонија. Опозицијата ја обвинува владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека со погрешни политики ја прави Македонија безнадежна и бесперспективна земја која не нуди услови за пристојно, квалитетно и сигурно живеење.

Јованов вели дека невработеноста на луѓе од 24 до 29 години изнесува 47 проценти. Државата покрај акционите политики кои ги спроведува за вработување на младите, треба да го слушне и нивниот глас, вели Јованов.

„Според кажувањата на младите не се обезбедуваат квалитетни работи места, односно не се обезбедуваат сите работни услови кои треба да ги понуди самиот работодавач, дека многу од младите работат и на црно. Сметаат дека во иднина треба да се направат дополнителни, контролни мерки кои ќе им обезбедат начин и можност да бидат вклучени на пазарот на трудот и воедно и младинската невработеност ќе почне да опаѓа. “

Според Јованов најбитниот фактор е вклучување на младите во процесот на креирање на политики преку кој ќе им се обезбеди квалитетен живот каков што сакаат и кој е првиот услов поради кој размислуваат да ја напуштат државата.

Според анализата на Фондацијата Фридрих Еберт објавена во јули годинава, повеќе од половина, односно 52,8 проценти од младите би емигрирале во странство. Во анализата се наведува дека најчестата причина поради која би заминале во странство е подобрување на стандардот на живот, пристап до подобри можности за вработување и подобро образование.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG