Во потрага по поубава иднина и подобра егзистенција, трендот на масовно иселување на луѓето не е непознат ни за Македонија. Околу 1.000 лица секоја година заминуваат од државата, а голем дел од нив се млади луѓе.
Значително е зголемен бројот на иселувања на семејства надвор во државите кои на некој начин нудат подобри можности.Љатифа Шиковска, невладина организација „Анбрела“.
Во пораст е и бројот на ромски семејства кои во обид да преживеат се одлучуваат да заминат надвор од границите на државата. Дека ваквата појава загрижува, сведочи и Љатифа Шиковска од невладината организација Анбрела.
„Меѓутоа ако зборуваме за Шуто Оризари, ние повеќе делуваме на локално ниво, значително е зголемен бројот на иселувања на семејства надвор во државите кои на некој начин нудат подобри можности.“
Причините за иселувањето се претежно економски, но не се исклучени и политичките, посочува Шиковска. Ромите ја напуштаат Македонија во секое годишно време. Дел од нив заминуваат со намера никогаш повеќе да не се вратат дома. Некои пак се свесни дека тоа не може да се случи, но се обидуваат да останат подолго.
„Генерално во Република Македонија проблемот е невработеноста. Таа е повеќе нагласена кај ромската заедница. И вие ако немате работа, нормално дека животот ќе ви биде тежок, особено во ромската заедница кадешто многудетните семејства и повеќето семејства живеат од социјална парична помош која изнесува од 30 до 50 евра. Ако ние имаме семејства кои имаат месечни примања и до три плати, исто и на нив не им е доволно, е сега замислете како им е на овие семејства кои едноставно од ден за ден преживуваат. Вие сте сведоци дека постојано може да се видат ромски семејства по улиците во Скопје, собирачи на пластика, старо железо, картони, значи тие семејства се доведени во една тешка егзистенцијална состојба кадешто секој ден преживуваат.“
Она што нас не засега како организација е фактот дека ние во моментот имаме повратници од страна на европските држави, значи владините институции немаат регистар што е со тие повратници, каков е сега нивниот статус.Љатифа Шиковска, невладина организација„ Анбрела“.
Шиковска апелира дека Владата мора да преземе конкретни мерки и механизми за да им помогне на семејствата кои сакаат да заминат надвор. Ако сопствената држава не ти понуди вработување, нормално е иднината да не ја гледате во границите на истата, вели Шиковска.
„Јас се надевам дека во иднина владините институции ќе се обидат да најдат некои комплетни мерки како да ги задржат граѓаните на Република Македонија во сопствената земја. Се разбира тоа може да се постигне само преку вработувањето и она што нас не засега како организација е фактот дека ние во моментот имаме повратници од страна на европските држави, значи владините институции немаат регистар што е со тие повратници, каков е сега нивниот статус.“
Неодамна собраниската комисија за одбрана и безбедност усвои Резолуција за миграциска политика со која во наредните пет години државата ќе работи на спречување на иселувањата и контрола на движењата на луѓе. Според последните податоци на Светската Банка, бројот на македонски граѓани кои живеат надвор од Македонија е 447 илјади граѓани.
Опозицијата смета дека токму големата миграција беше причината поради која актуелната власт не го спроведе пописот на населението за 2011 година.
Власта признава дека иселување има, но уверува дека со економските политики и отворањето на нови работни места во индустриските зони, таа се обидува да ги намали миграциите.