Достапни линкови

Расте јазот меѓу богатите и сиромашните


Неможноста со ниските плати да се покријат основните трошоци, неможноста да се најде работа, масовното иселување од земјава се само дел од причините кои ја влошуваат сликата и го зголемуваат јазот меѓу богатите и сите останати во државата, велат економските експерти.

Загрижувачка е економската нееднаквост во земјата, а загрозената иднина има повеќе аспекти, беше речено на денешната дебата на оваа тема. Неможноста со ниските плати да се покријат основните трошоци, неможноста да се најде работа, масовното иселување од земјава се само дел од причините кои ја влошуваат сликата и го зголемуваат јазот меѓу богатите и сите останати во државата, велат економските експерти.

Фер распределба на доходот во нашето општество не може да се обезбеди со програми во сто чекори, надградени и проширени, сè додека постојат механизми кои ја стимулираат нееднаквоста.
Драган Тевдовски, СДСМ.

Според Драган Тевдовски, претседател на комисијата за економија на СДСМ, постојат два механизми кои ја зголемуваат економската нееднаквост, а тоа е мешањето на неолибералната идеологија и популизмот, која, како што вели, има една цел, да ги зголеми доходот и богатството на една мала група луѓе.

„Фер распределба на доходот во нашето општество не може да се обезбеди со програми во сто чекори, надградени и проширени, сè додека постојат механизми кои ја стимулираат нееднаквоста. Ваквите програми ќе бидат само една фина маска во зголемувањето на неправедноста на доходот во македонското општество“, вели Тевдовски.

Минималното зголемување на одредени социјални надоместоци како пензиите и социјалната помош се проблематични во услови кога вие имате паралелна политика која вели намалување на социјални придонеси.
Маја Геровска-Митев, универзитетски професор.

Но, според професорката Маја Геровска-Митев, отсуството на општа мобилизација која ќе ѝ контрира на владината неолиберална политика е уште една од причините за растечката нееднаквост меѓу граѓаните. Не верувам дека луѓето немаат свест за тоа, туку проблем е тоа што нема реакција, вели Геровска-Митев, потенцирајќи ги и слабостите на социјалните политики на државата.

„Минималното зголемување на одредени социјални надоместоци како пензиите и социјалната помош се проблематични во услови кога вие имате паралелна политика која вели намалување на социјални придонеси“, изјави таа.

Укажувајќи на големото класно раслојување во државата, професор Здравко Савески, пак, вели дека е можно и прераспределба на богатството во обратна насока, од богатите кон сиромашните и средните слоеви. Класните разлики, посочува тој, растат поради две причини, поради свесните владини политики и поради искористување на поголемата моќ на газдите во однос на работниците.

„Ако работниците не се здружат, газдата колачот ќе си го дели во своја корист. Ако на еден му се стемнува, тоа значи дека на друг му се разденува“, вели Савески.

Покрај констатирање на фактичката состојба поткрепена со преглед на статистичките податоци во последните неколку години, учесниците на дебатата понудија и излезни решенија. Тевдовски вели дека постојат само пет, а не сто чекори за подобрување на економската нееднаквост.

„Првиот столб треба да ја врати демократијата во земјата и да обезбеди владеење на правото, вториот треба да обезбеди одговорност на јавните трошења преку многукратно зголемување на транспарентноста, третиот треба да го демонтира неолиберализмот и да го замени со социјално-праведна држава. Четвртиот значи замена на етничката тензија во општеството со нова помеѓу класите, петтиот треба да ја обезбеди надворешно-политичката безбедност и економската иднина на земјата преку членството во НАТО и ЕУ“, вели Тевдовски.

Предлог мерките на кои се фокусираше Савески, како претставник на левичарското движење Солидарност, се промени во даночната и буџетската политика. Дел од тоа подразбира намалување и зголемување на даноците во корист на сиромашните граѓани, намалување на непродуктивните трошоци и активни мерки за намалување на невработеноста. Дел од мерките кои ги посочија се и креирање атмосфера која ќе им пружи можност на работниците самите да си ги бранат правата и интересите. Секако, на тој начин ќе остане многу помалку за најбогатите, но само така може да се обезбеди иднината на Македонија, заклучија учесниците во дебатата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG