Достапни линкови

Дали некогаш ветувањата ќе бидат реалност?


Сашко Јованов, НВО Македонска платформа против сиромаштија.
Сашко Јованов, НВО Македонска платформа против сиромаштија.

Ние граѓаните сме тие кои треба да вршиме мониторинг на спроведување на политиките на власта односно да вршиме мониторинг дали тоа што е ветено се спроведува или не, пишува Сашко Јованов од Македонската платформа против сиромаштија во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Претседателските и парламентарните избори поминаа, секој вети по нешто, секој си имаше своја изборна програма кој ја понуди на граѓаните. Но, се прашуваме, сега во периодот што следи, дали програмите кои беа ветени на граѓаните ќе се спроведат и тие проекти ќе бидат реалност и ќе придонесат за подобро утре на граѓаните или, пак, ќе бидат дел од многуте донесени и презентирани документи кои седат во фиока или некој ќош и фаќаат прашина.
Во периодот од осамостојување на Македонија процентот на сиромаштија наместо да се намалува се зголемува.

Анализирајќи ги програмите на секоја партија, секоја од нив имаше проекти или залагања за подобрување на сиромашните и социјално исклучени лица, зголемување на висината на социјалната помош, нови вработувања, подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

Сето тоа многу добро звучи. Тоа значи креирање на политики кои во периодот од четири години треба да се спроведе и нашата земја односно граѓаните да живеат во идеално добри услови, а Македонија да биде земја во која што секој ќе посака да живее.

Но, ајде да се вратиме на реалноста. Во периодот од осамостојување на Македонија процентот на сиромаштија наместо да се намалува се зголемува, една третина од граѓаните водат крпен живот, стечајни работници кои се оставени на милост и немилост, кои не знаат, дали се на небо или на земја. Зголемена стапка на самоубиства кај оваа категорија на граѓани бидејќи веќе го допреле, дното и немаат излез од тунелот, кој ни за миг не им дава светла надеж. Зголемен број на семејни насилства, бидејќи како одеше онаа народната изрека, ако не можеш на магарето удри по самарот. Наместо подигање на квалитетот на живот на граѓаните, намалување на невработеноста со новите ни инвестиции, државата создава нова категорија на граѓани - вработени а сиромашни, бидејќи работат ниско платена работа, односно работаат за 8.000 денари, а ние привлекуваме странски инвестиции и се промовираме како земја со ниско платена работна сила. Проекти на државата за зголемување на наталитетот во Македонија, трето или четврто дете, а дозволуваме младите да се иселуваат од државата бидејќи тие тука немаме нови работни места кои ќе ги задоволат побарувањата на младите и се соочуваат со интергенерацискиот пренос на сиромаштијата. Примателите на социјална помош се принудени да се вклучат на пазарот на сива економија бидејќи имаат помалку од 20 денари дневно.
Ние граѓаните сме тие кои треба да вршиме мониторинг на спроведување на политиките на власта односно да вршиме мониторинг дали тоа што е ветено се спроведува или не.

Пристапните фондови на Европската унија, односно достапните за нас ИПА фондови, нудат можност за намалување на сиромаштијата преку компонентата јакнење на капацитетите на човечките ресурси, но ние тие пари ги користиме за јакнење на капацитетите на државната администрација која е пренатрупана со нововработени. Наместо да ги спроведуваме целите на стратегијата за намалување на сиромаштијата, ние имаме само донесена стратегија која нема буџетски средства за реализација на истата.

И сега сигурно се прашувате што е тоа што треба да се преземе? Одговорот е дека ние граѓаните сме тие кои треба да вршиме мониторинг на спроведување на политиките на власта односно да вршиме мониторинг на ветеното. Дали тоа што е ветено се спроведува или не, дали во периодот кои следи, новоизбраната власт ги исполнува своите предизборни ветувања или не. Само тогаш ќе знаеме дали тие креираат политики за подобрување на условите за живот или, пак, ние воопшто не ги читаме предизборните програми и сме слепи при очи и сме само гласачка машина која е активна само за време на сè почестите избори во нашата држава, како што всушност нè гледаат и политичките партии.
XS
SM
MD
LG