СДСМ ќе стори се за да спречи изборна корупција и злоупотреба на јавните финансии за изборни цели, а банките мора да имаат предвид што и за какви цели финансираат, рече денеска претседателот на опозициската партија Зоран Заев по синоќешната одлука на Државната изборна комисија да не го прифати ветото од дополнителниот заменик Кире Наумов за задолжувањето од 100 милиони евра.
Како најголеми доверители банките мораат да имаат предвид дека сите аукции на државни хартии од вредност кои што немаат согласност од дополнителниот заменик министер за финансии ќе бидат предмет на дополнително законско преиспитување.Зоран Заев, претседател на СДСМ.
Според Заев одлуката на Државната изборна комисија е очекувана и водена од политичкиот интерес на власта, а актуелниот состав на ДИК чиј мандат истекол на 8 ноември годинава со тоа сторил потенцијално кривично дело.
„Пред денешната закажана аукција ги повикувам банките да се водат од државниот интерес и од интересот на граѓаните на Република Македонија. Како најголеми доверители банките мораат да имаат предвид дека сите аукции на државни хартии од вредност кои што немаат согласност од дополнителниот заменик министер за финансии ќе бидат предмет на дополнително законско преиспитување од аспект на нивно третирање како законски јавен долг“, рече Заев.
Тој нагласи и дека им укажувале на домашните банки дека им стоеле на располагање и други механизми за да го спречеле финансирањето за, како што додаде, купување на гласови од страна на власта.
За обврската од Законот за приватноста произлезен од договорот од Пржино опозицијата да ги предаде сите материјали што ги поседува кај Специјалната јавна обвинителка, Заев рече дека веќе испратиле писмо за подготвеност уште пред истекувањето на рокот деновиве.
„Кога ќе обезбеди државата дополнителни услови за чување на тие материјали како што е обврска од законот најверојатно ќе биде побарано од нас да ги доставиме материјалите. Ние сме подготвени во секој момент кога ќе биде побарано од нас да ги доставиме материјалите“, рече Заев.
За актуелните преговори за медиумите што се водат во Клубот на пратениците, лидерот на СДСМ рече дека тие се бореле за независни и слободни медиуми и дека до крајот на оваа седмица очекувале да има договор за да можело до крајот на годинава да има видлив ефект.