Достапни линкови

Зајакнување на комисиите за односи меѓу заедниците


Општина Тетово соработува со граѓанскиот сектор со цел да ја зајакне улогата и капацитетот на Комисијата за односи меѓу заедниците. Се покажало дека голем број административци не знаат за работата на Комисијата, па затоа се спроведуваат соодветни обуки.

Вработените во администрација на Општина Тетово, други локални институции и разни граѓански здруженија се дел од обука со која треба да се запознаат со работата и функционалноста на Комисијата за односи меѓу заедниците. Потребата се јавила откако е евидентирано дека голем број институции од локалната власт носат одлуки без да се консултираат или да ги земат во предвид препораките на Комисијата.

Вработувањето, не е секогаш само тоа предмет, туку имаме употреба на јазици, култура, симболи, имиња на улици, инфраструктурни објекти.
Сретен Коцевски, Институт за развој на заедници.

„Целта на обуката е да се запознаат со улогата на Комисијата за односи со заедниците. Навистина не знаат за комисијава, навистина се слабо запознаени. И администрацијата и граѓаните, така да веќе имавме една трибина во која беа поканети здруженија и граѓани. Првично тоа беше анализа на работата на Комисијата, дознавме дека навистина немаат познавање. Знаеме дека сме имале проблеми со одлуките донесени во други општини кои не поминале на Комисијата за односи меѓу заедниците. Кога сака централната власт може да ги проблематизира одлуките на локалните власти доколку не се поминати на оваа Комисија. Целта на овој проект е да се зајакне улогата и да се доведе во ниво кое треба да биде“, вели Фатмир Саити, директор на полошки плански регион, каде членуваат општините од тетовско и гостиварско.

Комисиите за односи меѓу заедниците произлегуваат од Охридскиот рамковен договор и претставуваат единствена институционална рамка за дијалог меѓу заедниците на локално ниво. Многу е важно нивното функционирање бидејќи претставуваат механизам за институционално вклучување на сите немнозински етнички заедници кои што живеат во рамките на општината во процесите на креирање на политики и донесување на одлуки на локално ниво“, вели Сретен Коцевски од Институтот за развој на заедниците.

„Како во секоја општина и во Општина Тетово постојат предизвици, но во секој случај постои желба и еве расположение, затоа сме тука, да разговараме за се тоа и да видиме на кој начин можеме да ги адресираме во иднина. Вработувањето, не е секогаш само тоа предмет, туку имаме употреба на јазици, култура, симболи, имиња на улици, инфраструктурни објекти“, истакнува Коцевски.

Од проектот кој заеднички го спроведуваат Општината и Институтот за развој на заедниците, треба да произлезе и анализа за правичната застапеност на малцинските заедници во Тетово како и препораки по истата.

XS
SM
MD
LG