Одговарајќи на шпекулациите дека ќе поднесе оставка доколку Грците на референдумот за прифаќање или не на договорот познат како „реформи за помош“ што тој веќе го отфрли, Ципрас изјави дека одлуката е во рацете на грчкиот народ.
„Одлуката ќе ја донесе грчкиот народ. Ако сака вечно да продолжи со острите мерки за штедење што значи илјадници млади луѓе надвор од нашата земја, висока стапка на невработеност и нови заеми, јас тоа ќе го почитувам, но нема да го спроведам“, изјави 40-годишниот премиер Ципрас.
Европските партнери на Грција оценија дека тоа би значело излегување на Грција од еврозоната и натамошно финансиско пропаѓање на земјата. Но, Ципрас ја отфрли можноста за враќање на драхмата.
Одлуката ќе ја донесе грчкиот народ. Ако сака вечно да продолжи со острите мерки за штедење што значи илјадници млади луѓе надвор од нашата земја, висока стапка на невработеност и нови заеми, јас тоа ќе го почитувам, но нема да го спроведам.Алексис Ципрас, премиер на Грција.
„Лично мислам дека нивниот план не е да ја турнат Грција од еврозоната, нивниот план е да стават крај на надежите дека може да има и друг вид на политика во Европа. Тие не можат да не исфрлат од еврозоната, бидејќи цената е огромна“, рече тој во синоќешното телевизиско интервју.
Сепак, дел од грчките економисти и политичари од опозицијата сметаат дека тој ја потценува вистинската опасност.
„Ако сакате да останете во еврозоната, гласајте да, Ако сакате банките да бидат отворени, гласајте да и најважно од се ако сакате да останете во Европа гласајте да“, порача поранешниот премиер Андонис Самарас.
Но, тоа не го мислат илјадници Грци кои се собраа во Атина во поддршка на негативниот одговор на неделниот референдум.
„Пораката е силна, „не“ за овие мерки што Европа сака да и ги наметне на Грција. Зошто? За да ни дадат некаков ситнеж“.
Со 55-годишната државна службеничка Клио Карабецу се согласува и Ангелики која вели:
„За мене ова е војна и ние мора да се бориме против оваа опсада како земја и како демократија“.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас ги шокираше европските лидери во саботата кога ги отфрли барањата на странските кредитори: Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд, и најави дека ќе спроведе референдум.
Тие сакаат Грција уште повеќе да ги намали трошоците и да ги зголеми даноците на начини за кои Ципрас долго време докажува дека само ќе ја продлабочи една од најлошите економски кризи на модерните времиња во земја каде што една четвртина од работната сила се невработени.
Еврозоната одби да ја продолжи постојната финансиска помош на Грција до по референдумот на 5 јули.
Атина во неделата воведе ограничувања на банкарските трансакции и за оваа недела ги затвори банките за да спречи излевање на парите.
Доколку Грците гласаат позитивно тоа ќе биде притисок врз Ципрас да поднесе оставка, што ја отвора вратата за нови избори и евентуално враќање на преговарачка маса со доверителите.