Достапни линкови

Преговори за избегнување банкрот на Грција


Преговори за избегнување банкрот на Грција
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:54 0:00

Преговори за избегнување банкрот на Грција

Лидерите на Германија и на Франција се согласија со грчкиот премиер дека преговорите меѓу Грција и нејзините кредитори мора да се интензивираат за да се постигне договор за избегнување банкрот на земјата. Според Атина, страните се свесни за историската должност за зачувување на еврозоната.

Претставник на германската влада по разговорите што германскиот канцелар Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд ги имаа со Алексис Ципрас на маргините на самитот на Европската унија во Брисел изјави дека тие минале во конструктивна атмосфера.

„Едногласна беше согласноста дека преговорите меѓу грчката влада од една и Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија и Европската централна банка од друга страна би требало да добијат во интензитет“, се наведува во изјавата на германската влада.

Преговорите западнаа во ќорсокак откако Грција ги отфрли барањата на кредиторите за кратење на пензиите и за спроведување непопуларни пазарни реформи како услови за ослободување на замрзнатата финансиска помош.

Ова се тешки моменти за Европската унија и особено за еврозоната и должност е на политичарите, на избраните политичари, да ја преземат нивната одговорност и да се обидат да постигнат договор клучен за егзистирањето на еврозоната, а со тоа и на Унијата. Станува збор за историска должност.
Јанис Варуфакис, министер за финансии на Грција

Грција најверојатно ќе банкротира до крајот на месецов доколку не прими свежи пари кои ќе и овозможат враќање на ратата од над милијарда и шестотини милиони евра на Меѓународниот монетарен фонд.

По средбата која траеше скоро два часа грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави:

„Решивме да ги интензивираме напорите и да ги премостиме преостанатите разлики во наредниот период. Верувам дека европското политичко раководство сфаќа дека ние мора да понудиме остварливо решение за Грција, како и можност за враќање на социјалната кохезија преку зголемен раст што ќе донесе безбедност и стабилност не само за Грција туку исто така и за Европа“, рече тој.

Ниту една страна не даде детали за содржината на разговорите. Тоа беа петти разговори меѓу тројцата лидери во изминативе две недели што ја покажува сериозноста на проблемот кој би можело да доведе и до излегување на Грција од еврозоната.

Како подготовка на последниот разговор беше и средбата на грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис со неговиот германски колега Волфганг Шојбле.

„Ова се тешки моменти за Европската унија и особено за еврозоната и должност е на политичарите, на избраните политичари, да ја преземат нивната одговорност и да се обидат да постигнат договор клучен за егзистирањето на еврозоната, а со тоа и на Унијата. Станува збор за историска должност“, изјави министерот Варуфакис.

Инаку, Стандард и пурс го намали и онака малиот рејтинг на грчките обврзници и сега има тројно „Це“ откако Атина го одложи плаќањето на долгот спрема Меѓународниот монетарен фонд.

„Одлагањето покажува дека грчката влада им дава приоритет на пензиите и на другите домашни трошоци пред обврските спрема меѓународните доверители“, се наведува во образложението на Стандард и пурс.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG