Премиерот Ципрас појасни дека одлуката на Банката на Грција за затворање на банките и за воведување рестрикции на трансакциите била донесена по одлуката на Европската централна банка да не го зголеми количеството итни пари што грчките банки можат да ги земат од Европската банка.
Ципрас не прецизира колку долго банките ќе останат затворени, ниту за какви рестрикции на трансакциите станува збор.
Во Грција в недела треба да се одржи референдум за предлозите на кредиторите, но програмата за финансиска помош на Грција истекува утре.
Поради грчката драма, следните неколку денови, според експертите, ќе претставуваат главен предизвик за интегритетот на 16 годишното постоење на еврозоната. Последиците за пазарите и за поширокиот финансиски систем засега остануваат нејасни.
Со тоа над 7 милијарди долари што Грција се уште не ги земала, се блокирани и нема да и бидат на располагање по 30 јуни до кога Атина треба на Меѓународниот монетарен фонд да му исплати рата од над милијарда ипол евра.
Неочекуваниот повик за референдум за условите на финансиската помош предизвика Грците масовно да почнат да ги повлекуваат парите од банките.
Ципрас изјави дека ништо не може да го спречи одржувањето на референдумот како демократски процес.
„Повеќе од очигледно е дека оваа одлука да се одбие продолжувањето на финансискиот пакет нема друга цел освен уценување на грчкиот народ и попречување на демократските процеси на референдум“, рече Ципрас.
Тој додаде дека обидите за тоа се навреда и срам за демократските традиции на Европа.
Европската комисија вчера направи еден невообичаен потег и ги објави, како што соопшти, последните предлози на странските кредитори до Атина пред Грција да ги прекине разговорите за финансискиот пакет во минатиот петок.
„Почнувајќи од утре грчкиот народ ќе покаже, со здрав разум, дека има моќ да ги донесе своите сопствени одлуки во врска со барањата на кредиторите“, рече грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис вчера во Атина.
Во меѓувреме, американскиот претседател Барак Обама и германската канцеларка Ангела Меркел оценија дека е многу важно Грција да се врати на патот на реформи и на пораст во рамките на еврозоната.
Ова го соопшти Белата куќа, откако двајцата лидери имале телефонски разговор. Обама и Меркел навеле дека нивните советници внимателно ја следат кризата во Грција.
Во очекување на грчкиот референдум закажан за 5 јули во врска со барањата на странските кредитори, американскиот министер за финансии Џек Лу ги повика сите страни да продолжат да работат за изнаоѓање решение и да разговараат за можно олеснување на грчкиот долг.
Поради грчката драма, следните неколку денови, според експертите, ќе претставуваат главен предизвик за интегритетот на 16 годишното постоење на еврозоната. Последиците за пазарите и за поширокиот финансиски систем засега остануваат нејасни.