Достапни линкови

Се уште нема договор за нова помош за Грција


Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис и шефицата ММФ, Кристин Лагард во Луксембург.
Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис и шефицата ММФ, Кристин Лагард во Луксембург.

Договорот со Грција сè уште не е на повидок, велат од еврозоната. Грција пак ја обвини еврогрупата за непостигнувањето компромис.

Шефот на групата министри за финансии од еврозоната изјави дека денешните разговори за финансиска помош за Грција донесоа многу малку и оти договорот сè уште не е на повидок.

Шефот на еврогрупата Јерун Дајселблум по средбата во Луксембург рече дека грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис претставил премалку мерки кои биле веродостојни и сериозни. Тој рече дека разговорите изминатата недела не напредувале и оти „времето истекува“.

„Останува на Грција во наредните денови да достави нови предлози“, изјави Дајселблум.

Шефот на еврогрупата Јерун Дајселблум.
Шефот на еврогрупата Јерун Дајселблум.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас одбива да ги спроведе реформите во пензискиот и даночен систем кои се бараат од кредиторите во замена за продолжување на финансиската помош од ЕУ и ММФ. Ако Грција не договори нова финансиска помош нема да може да го врати долгот кон ММФ од 1,6 милијарди евра што доспева на 30 јуни.

Рокот за исплатата е 30-ти јуни. Нема можност за одложување на плаќањето, нема одложување за месец или два.
Кристин Лагард, ММФ.

Дајселблум исто така рече дека претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, свикал итен самит на лидерите на земјите од еврозоната за 22 јуни во обид да се реши грчката должничка криза.

На посебна прес-конференција, Варуфакис ја обвини еврогрупата за непостигнувањето компромис, велејќи дека Дејселблум одбрал да се фокусира на одговорноста на грчката страна, а не на сите страни.

Претходно шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард ја предупреди Грција дека нема да добие одложување на исплата на долговите.

„Рокот за исплатата е 30-ти јуни. Нема можност за одложување на плаќањето, нема одложување за месец или два. Доколку Атина не ја исполни обврската до крајот на годината, тоа ќе значи неможност за плаќање. Се надевам дека тоа нема да се случи“, изјави Лагард за новинарите пред да се приклучи на министерскиот состанок.

Германскиот канцелар Ангела Меркел претходно изјави дека се уште е уверена оти Атина, ЕУ и меѓународните кредитори може да постигнат договор. Таа додаде дека Германија работи напорно за да се задржи Грција во еврозоната, но дека Атина мора да се придржува на реформските обврски.

Во меѓувреме грчкиот премиер Алексис Ципрас престојува во Санкт Петербург за да побара руска финансиска помош, која би и помогнала Грција да избегне банкрот, јавуваат британските медиуми.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG