Достапни линкови

САД: Корупцијата проблем за човековите права во Македонија


САД: корупцијата проблем за човековите права во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:00 0:00

САД: корупцијата проблем за човековите права во Македонија

Во најновиот извештај на Стејт департментот за човековите права во светот лани се наведува дека најзначајните проблеми со човековите права во Македонија потекнуваат од „значителните нивоа на корупција“ и од „неуспехот на владата целосно да го почитува владеењето на правото“.

Во извештајот објавен синоќа се додава дека правосудниот систем во земјата се карактеризира со политичко мешање, неефикасност и фаворитизам спрема добро позиционирани поединци.

Притоа се потенцираат постојаните обиди за ограничување на слободата на медиумите и селективното кривично гонење.

Проблемите со човековите права, како што се наведува, вклучуваат и физичко малтретирање на приведени и затворени лица од страна на полицијата, дискриминирање на Ромите и другите етнички малцинства, социјална дискриминација против сексуалните малцинства и детски труд.

Во извештајот исто така се додава дека владата „преземала некои потези за казнување полицајци кои употребиле прекумерна сила, но и натаму неказнувањето останува да биде проблем“.

Стејт департментот наведува дека поединци и организации, блиски до актуелната влада, се сопственици на повеќето главни медиуми, а дека исклучително ограничен број на независни медиуми активно изразуваат разновидност на гледишта, без ограничување.

Во врска со претседателските и парламентарните избори во април лани во извештајот на Стејт департментот се наведува оценката на ОБСЕ дека тие биле ефикасно администрирани, но оти во периодот до изборите не биле исполнети важни заложби на ОБСЕ, вклучително одвојување на државата од партијата, неутралност на медиумите и точност на избирачкиот список.

Во извештајот на Стејт департментот се наведува дека во мал број на случаи од висок профил судовите не покажале соодветна независност од обвинителството при одобрување на барањата за притвор и притвор за време на судењето.

Уставот гарантира слобода на говорот и на печатот но владиниот притисок врз медиумите продолжува да биде проблем.

Имаше неколку тврдења во текот на минатата година дека владата селективно гони претставници на опозицијата и на медиумите и оти се меша во големи судски процеси за клевета покренати од владини лица.

Стејт департментот наведува дека поединци и организации, блиски до актуелната влада, се сопственици на повеќето главни медиуми, а дека исклучително ограничен број на независни медиуми активно изразуваат разновидност на гледишта, без ограничување.

Медиумите главно се поделени по етнички и политички линии.

Во извештајот се посочува и тоа дека неколку меѓуетнички инциденти предизвикаа протести кои доведоа до тензии меѓу двете најголеми заедници.

Етничките Албанци продолжуваат да се жалат на нерамноправна застапеност во владините министерства и јавни претпријатија, иако нивната застапеност се зголемува.

Во извештајот на Стејт департментот што го објави американскиот државен секретар Џон Кери остро се критикуваат милитантите на Исламската држава, како и владите на Русија, Иран и Азербејџан за злоупотреба на човековите права.

Во извештајот се потенцира дека еден од најзабележливите трендови лани била бруталноста на милитантите на Исламската држава во Сирија и Ирак против сите кои не ги прифаќале нивните екстремистички погледи.

Руската влада се најде под силна критика не само за злоупотреби внатре во земјата, туку и за анексијата на украинскиот полуостров Крим и нејзината улога во помагањето на проруските сепаратисти во источна Украина.

Рускиот политички систем се оценува како авторитарен и корумпиран.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG