Достапни линкови

Се здружија кумановски лиценцирани таксисти


Легалните кумановски таксисти се жалат на нелојална конкуренција, немање такси станици и бараат поголема заштита.

Околу двесте такси возачи во Куманово за првпат неодамна формираа Здружение на лиценцирани авто-превозници. Одзивот на такси компаниите сè уште е мал, вели претседателот Драган Пешевски, но тој се надева дека со текот на времето таксистите ќе сфатат дека им е потребно здружение за да можат да си ги остварат своите права.

Да се избориме да ни се овозможи непречена работа, да ни се обележат такси постојки на соодветни места, поголема заштита од инспекторатот, од управата за внатрешни работи, од сите надлежни кои се опфатени со нашата дејност.
Драган Пешевски, претседател на Здружение на лиценцирани авто-превозници.

„Да се избориме да ни се овозможи непречена работа, да ни се обележат такси постојки на соодветни места, поголема заштита од инспекторатот, од управата за внатрешни работи, од сите надлежни кои се опфатени со нашата дејност“, вели тој.

Пешевски вели дека лиценцираните таксисти платиле лиценца до 2018-та година, а не можат да работат нормално, да се паркираат на нивните работни места, кои секојдневно им се окупирани од приватни возила и од диви таксисти.

За жал, такси службата е на многу ниско ниво. Изедначени се легални и нелегални. Се прави голема турканица во градот, лиценцирани се 200 до 250 авто-такси возила, а циркулираат неколкукратно повеќе. Функционалноста е сведена на минимум, работи кој како сака. Сите давачки кон општината и државата ги подмируваме целосно, а за возврат немаме ни најосновни услови за работа, ниту каква било заштита.
Драган Пешевски, претседател на Здружение на лиценцирани авто-превозници.

„За жал, такси службата е на многу ниско ниво. Изедначени се легални и нелегални. Се прави голема турканица во градот, лиценцирани се 200 до 250 авто-такси возила, а циркулираат неколкукратно повеќе. Функционалноста е сведена на минимум, работи кој како сака. Сите давачки кон општината и државата ги подмируваме целосно, а за возврат немаме ни најосновни услови за работа, ниту каква било заштита“, вели тој.

Пешевски додава дека од заработувачката се преживува, а преку Здружението се надева дека барем малку ќе им се подобри состојбата на таксистите. Безбедноста на таксистите често пати е загрозена преку физичко малтретирање од одредени клиенти или неплаќање на завршената услуга, а за тие проблеми не се запознаени ниту надлежните, ниту јавноста.

Иако во Куманово бројот на приватни патнички автомобили е голем, граѓаните сепак во голем број бараат такси услуги.

„Работа имаме доволно, но неопходно е да се намали нелојалната конкуренција. Тогаш ќе имаме уште повеќе работа“, вели Пешевски.

Дали се лиценцирани или не, кумановци кога имаат потреба од такси услуга не обрнуваат внимание на тоа. Ним им е најважно на време да стасаат до одредена дестинација.

Тоа го потврдуваат и анкетираните.

„Кое било. Главно да е такси.“

„Не. Главно да е такси“, велат анкетираните кумановци.

Иако, според Пешевски, такси возилата треба да се во унифицирана бела боја, во градот превоз се врши и во други возила. И за тоа Здружението ќе се залага, кога веќе на граѓаните не им е битно.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG