Достапни линкови

Унгарија со ограда против бегалци, Србија шокирана


Унгарија ќе ја оградува границата, Србија шокирана
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:44 0:00

Србија шокирана од планот на Унгарија за ограда на границата

Српскиот премиер Александар Вучиќ изјави дека бил изненаден и шокиран од планот на унгарската влада да подигне ограда меѓу двете земји со цел да ги спречи имигрантите да влегуваат во Унгарија. Станува збор за подигнување четири метарска ограда во должина од 175 километри.

Илјадници имигранти повеќето бегалци од војната во Сирија, преку Грција, Македонија и Србија се надеваат да влезат во Унгарија за да побараат азил. Тоа ќе им биде отежнато откако Будимпешта соопшти дека ќе гради висока ограда на границата со Србија.

„Имиграцијата е еден од најсериозните проблеми со кои се соочува Европската унија денес. Членките на Унијата бараат решенија, но Унгарија не може да си дозволи веќе да чека“, изјави шефот на унгарската дипломатија.

Од почетокот на годинава досега во Унгарија влегле околу 54 илјади имигранти.

Србија веднаш одговори на унгарскиот план со кој фактички илјадници бегалци ќе останат на српска територија. Официјален Белград побара помош од Европската унија во справувањето со бранот имигранти.

Градењето ограда е многу опасна порака која може да предизвика повеќе несакани последици. За Србија тоа ќе биде и вистинска физичка изолација.

„Ги повикав сите земји на Европската унија да ни помогнат, да дадат дополнителна помош за нашите напори да ги заштитиме границите со соседните земји од каде што доаѓаат имигрантите. Всушност тие најмногу доаѓаат од земјите членки на Европската унија како Грција и Бугарија“, изјави српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стевановиќ.

Според политичкиот аналитичар Слободан Ступар, планот за изградба на четири метарска ограда на границата со Србија е своевиден протест на Унгарија против плановите на Европската унија да се справи со емигрантската криза, при што се вклучени квоти за тоа колку бегалци ќе прими секоја членка на Унијата.

„Тоа е протест на унгарскиот премиер Орбан упатен до лидерите на Унијата, но и до Србија и може дополнително да ја изолира таа земја. Градењето ѕид во Европа каде што еден таков беше урнат пред извесно време, покажува дека се случува нешто многу лошо“, вели Ступар, мислејќи на Берлинскиот ѕид кој со децении ги одвојуваше двата дела на Германија.

„Градењето ограда е многу опасна порака која може да предизвика повеќе несакани последици. За Србија тоа ќе биде и вистинска физичка изолација“, заклучува Ступар.

Во изминативе две години во Србија за четири пати порасна бројот на баратели на азил. Само во првите пет месеци од годинава се евидентирани 22 илјади апликации за азил.

Според последните податоци на Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци скоро половината од нив биле жртви на шверцери на луѓе.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG