Достапни линкови

ЕУ решава како со азилантите и бегалците


Министрите за внатрешни работи на Европската унија денеска во Брисел разговараат како да се справат со зголемениот број азиланти и бегалци во нивните земји. Смртта на околу 200 мигранти кај италијанскиот брег, но и порастот на бројот на азиланти во Германија, меѓу нив и од Македонија, покажуваат дека станува збор за проблеми кои бараат брза акција.

Бројот на луѓе кои се обидуваат да добијат азил во Германија само во септември скокна за 71 насто во однос на истиот месец лани, соопшти германското Министерство за внатрешни работи. Споредено со август оваа година, бројот на азиланти е зголемен за 21 процент. Повеќето од нив се од Србија, Македонија, Сирија, Русија и Авганистан.

Во периодот од јануари до септември во Германија биле забележани 74 илјади барања за азил, што е скок од 85 насто во споредба со истиот период лани.

Од друга страна, смртта на околу 200 мигранти минатата недела во близина на брегот на Италија каде што нивниот брод потона претставуваше уште еден сигнал дека нешто мора да биде преземено.

Миграцијата долго време е чувствилна тема во Европа која останува главна дестинација за оние што бараат подобар живот. Во 2011 година, според Еуростат, имало околу 1,7 милиони имигранти во Европската унија.
Дали Европа има намера да ги брани границите што ги повлече со Шенгенскиот договор и дали Европа е подготвена да го земе предвид фактот дека во историјата не постоела држава, не постоела конфедерација или сојуз на држави која не ја презела одговорноста за заштитата на своите граници.
Анџелино Алфано, италијански министер за внатрешни работи.

„Денес има повеќе луѓе кои се во движење отколку во кое било друго време во историјата“, вели Вилијам Свинг, генерален директор на Меѓународната организација за миграција, додавајќи дека во исто време постои, како што вели, „бран антимигрантски чувства, построги визни режими, затворени граници и градење ѕидови“.

Италија деновиве побара помош од Европската унија во справувањето со обновениот прилив на мигранти од конфликтните подрачја на Блискиот Исток и Северна Африка.

„Европа е на крстосница. Мора да одбере дали навистина е унија на држави“, изјави италијанскиот министер за внатрешни работи Анџелино Алфано, нагласувајќи дека Медитеранот е граница меѓу Европа и Африка, а не меѓу Африка и Италија.

„Сега за точката која се однесува на Европа, а не на нас. Дали Европа има намера да ги брани границите што ги повлече со Шенгенскиот договор и дали Европа е подготвена да го земе предвид фактот дека во историјата не постоела држава, не постоела конфедерација или сојуз на држави која не ја презела одговорноста за заштитата на своите граници“, изјави Алфано.

Според некои проценки, во изминативе девет месеци од годинава во Италија со бродови пристигнале над 30 илјади азиланти.
италијанскиот министер за внатрешни работи Анџелино Алфано
италијанскиот министер за внатрешни работи Анџелино Алфано

Сепак, според аналитичарите, мал е интересот на Европската унија за драматични миграциски реформи, особено кога станува збор за таканречените Даблински правила.

Имено, според нив, азилантот може да аплицира за заштита само во првата земја на неговото пристигнување во Унијата.

Од друга страна, се бараат и поинакви форми на справување со проблемот: од соработка со земјите од каде што доаѓаат азилантите, до порешителна борба со трговците со луѓе.

„Миграцијата ја намалува сиромаштијата. Ни требаат повеќе канали за легална миграција“, вели комесарот за домашни работи на Европската унија Сесилија Малмстром, додавајќи дека поради недостигот од такви канали азилантите и бегалците немаат избор и ги ризикуваат нивните животи.

Германија е на врвот на листата на земјите со најмногу апликанти за азил по што следуваат, Австрија, Белгија, Британија, Франција и Шведска.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG