Достапни линкови

Дали против битолскиот градоначалник се води истрага?


Владимир Талески, градоначалник на Општина Битола.
Владимир Талески, градоначалник на Општина Битола.

Советниците од опозицијата во Советот на Општина Битола бараат да се каже дали се води истрага против градоначалникот Талески. Од Општината одговорија дека нема да дадат изјава на оваа тема.

Градоначалникот на Битола, Владимир Талески, да одговори дали против него се води истрага и дали истражните органи заплениле дел од службената документација на општината? Ова го побараа советниците од опозицијата на неодамна одржаната седница во битолскиот Совет.

Како советник и како граѓанин барам градоначалникот да одговори дали е во тек истрага против него и други лица на раководни функции во општината?
Габриела Илиевска, советник од ВМРО-НП.

„Како советник и како граѓанин барам градоначалникот да одговори дали е во тек истрага против него и други лица на раководни функции во општината? Дали е точно дека пред некој месец од просториите на општина Битола е запленета службена документација од страна на МВР Битола? Дали е точно дека во неа е и договорот склучен меѓу општината и претпријатието за паркинзи кое се криеше долго од советниците и јавноста? Талески и должи на битолската јавност одговор на овие прашања зашто е поставен од граѓаните и е платен од нивните пари да ја извршува функцијата“, изјави Габриела Илиевска, советник од ВМРО-НП.

„Имајќи го во предвид целокупниот застој во Општина Битола на сите полиња, имајќи во предвид дека општината кредитно се задолжи, а директно одговорен за тоа е градоначалникот го повикуваме Владимир Талески да поднесе неотповиклива оставка од оваа функција“, изјави Наташа Петровска од СДСМ.

Градоначалникот Талески не беше присутен на седницата. Од Општината одговорија дека нема да дадат изјава на оваа тема.

Од битолското обвинителство потврдија дека е отворен предмет по поднесената пријава од опозицијата против Талески, како и по допрен глас. Велат дека се проверуваат наводите од пријавата.

СДСМ минатиот месец до Јавното обвинителство поднесе кривични пријава против Талески откако во една од објавените бомби, наводно вицепремиерот Ставрески за него вели „склучил коруптивен договор до даска за превоз на учениците по цена десет пати повисока од пазарната.“ Талески тогаш ги дематираше ваквите обвинувања.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG