На 27 мај, за импресивен почеток на второто издание на Меѓународниот театарски фестивал МНТ-Фест, што патем се обистинува во годината кога нашата национална установа ја одбележува 70-годишнината од своето постоење и културна мисија, е предвидено прикажувањето на грамадната „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“ од Виктор Иго во режија на нам добро познатата Лилија Абаџиева и во продукција на театарот „Софија“ од соседна Бугарија.
Не мислам дека националната институција треба да биде баук за независните проекти. Тие проекти мора да бидат негувани во кое било време од кого било.Дејан Лилиќ, директор на МНТ.
Потем, на 2 јуни, следува „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир и во режија на Давид Доиашвили за Националниот театар од Будимпешта, а три дена подоцна ќе настапи Народно позориште Белград со претставата „Бело кафе“ од Александар Поповиќ, во режија на Милан Нешковиќ.
На 6 јуни, преку Фестивалот ФИАТ од Подгорица, гостува „Три сестри“ од Антон Павлович Чехов, во адаптација и режија на Ана Вукотиќ и Слободан Милатовиќ, а не многу потоа, на 8 јуни, Турскиот државен театар од Истанбул ќе го изведе проектот „Кога ова би било филм“ од авторот Алмир Имширевиќ, во режија на Билге Емин.
Во рамки на фестивалот ќе имаме и наша програма што значи ќе имаме наши претстави кои ќе ги играме. Ќе се обидеме да донесеме уште некои претстави од другите театри од Македонија.Дејан Лилиќ, директор на МНТ.
И, конечно на 20 јуни, при крајот на интернационалниот дел од случувањето, љубителите на театарот ќе имаат можност да ја проследат и „Дневникот на лудиот“ од Николај Васиљевич Гогољ во режија на Леван Цуладзе, копродукцијата меѓу Националниот театар од Модена, Италија, и Националниот театар од Тбилиси, Грузија.
Во рамките на пропратната програма на актуелното издание на МНТ-Фест планирано е да има и отворени два дена за младите автори и за независните проекти од Македонија. Сите заинтересирани може да се пријават кај организаторот на 27 и 28 јуни, а директорот на МНТ – актерот Дејан Лилиќ знае да каже дека „ако е потребно тие како потписници на случувањето ќе направат еден голем маратон за овој тип на независни продукции“.
„Не мислам дека националната институција треба да биде баук за независните проекти. Тие проекти мора да бидат негувани во кое било време од кого било. Особено тоа треба да биде правено од установа како нашава, со тоа што МНТ треба да им пружи прилика тие да бидат одиграни под овој покрив – независно од тоа дали поради обемот ќе бидат прикажани на Малата сцена или во некој друг наш алтернативен простор, но дефинитивно и во едни вакви фестивалски рамки“, вели Лилиќ.
Згора на ова, на 27 мај напладне, на тема „Мојот театар“ ќе говорат Лилија Абаџиева и Атила Видњански, директор на Националниот театар од Будимпешта.
Покрај ова ќе се одржат и две работилници отворени за актери, режисери, музичари, сценографи, костимографи и за сите љубители на театарот, едната со Горан Трајковски за „Музиката во театарската претстава“, а другата со сценографот Валентин Светозарев на тема „Создавање на театарски светови“.
Организаторите најавуваат и несекојдневен, та дури и провокативен разговор со драматургот на Националниот театар од Будимпешта, Ермес Веребеш на тема „Националниот театар во Европа“, а не смее да се заборави дека се планирани и промоцијата на собраните дела на авторот Јордан Плевнеш и изложбата на плакати на Сергеј Светозарев, кој, иако млад, зад себе има авторство на 70 плакати од кои особено се интересни оние врзани за делата на Шекспир.
Во организацијата на случувањето се вклучува и Полската амбасада во Република Македонија со изложби посветени на двајца тамошни големи творци – Виткиевич и Мрожек, а за продуцентите ќе биде организирано и предавање на славниот Франко Унгаро од Италија кој во случајов ќе говори за „нетворк инвестициите и можностите како да се допре до европските фондови“.
„Во рамки на фестивалот ќе имаме и наша програма што значи ќе имаме наши претстави кои ќе ги играме. Ќе се обидеме да донесеме уште некои претстави од другите театри од Македонија, а некаде на почетокот на јули, при крајот на манифестацијата, ќе ја имаме и премиерната изведба на мјузиклот „Чикаго“, кој е всушност првиот лиценциран мјузикл во Македонија правен по сите правила и прописи на Бродвеј. Тоа е копродукција на МНТ и МОБ во режија на Наташа Поплавска. Ќе се пее во живо, ќе се свири во живо и мислам дек ќе биде многу интересно бидејќи за прв пат ќе видиме мјузикл кај нас кој ги содржи сите сегменти на жанрот“, информира Лилиќ.
Инаку, Меѓународниот театарски фестивал МНТ-ФЕСТ и оваа година ќе има ревијален карактер, а одржувањето на оваа манифестација има за цел да овозможи презентирање на различните сценски естетики и подобро меѓусебно запознавање и секако отворање на поголеми можности за посериозна заемна соработка и размена на искуства во иднина.