Целта на проектот „Караван на дебати – Пулсот на општеството“ е промовирање на културата на дебата надвор од крутите медиумски рамки, зголемување на јавната свест за важните социо-културни феномени на денешнината, демократизација на јавниот простор и вклучување на локалното население во доменот на граѓанското општество како клучен елемент на демократијата и овозможување на диверзитет на мислења низ формите на културна продукција и интерактивна дебата.
Во ова наше општество со застоен медиумски воздух каде постојано апострофираме за неопходноста од слобода во медиумите сметам дека е насушно потребно да се развива културата на дебата и особено низ еден жив формат и низ едни интерактивни форми.Ана Јовковска, новинар.
Ова ќе го забележи Ана Јовковска во пресрет на првата дебата од проектот на која панелисти овој четврток во ЕУ Инфо центарот во Скопје ќе бидат театарскиот и филмски режисер Александар Поповски, професорката и колумнистка Ана Мартиновска и писателот Александар Прокопиев. Таа дополнува дека идејата е да се создава отворено, инклузивно, демократско и креативно општество.
„Во ова наше општество со застоен медиумски воздух каде постојано апострофираме за неопходноста од слобода во медиумите сметам дека е насушно потребно да се развива културата на дебата и особено низ еден жив формат и низ едни интерактивни форми. Овој проект е обид да се излезе од тие наштиркани медиумски или телевизиски програми и да се направи еден интерактивен жив дијалог со локалното население, еден вид мапирање на потенцијалните предрасуди, проблеми и интереси на малите или, пак, поголемите заедници.“
Тоа е потребата од еден ваков проект – разбивање на стравот, ослободување на јавниот простор или демократизација на јавниот простор низ интерактивна дебата низ сите тие културни продукции.Ана Јовковска, новинар.
Јовковска појаснува дека она што го работела во изминатата декада во емисијата „Пулс“ сега ќе се обиде преку интердисциплинарен пристап на обработување на различните теми кои ги допираат сите важни социо-културни феномени на денешницата да ги постави во дебатен-интерактивен формат со гостите панелисти - интелектуалци и експерти, односно професионалци од различни области, свесно посегајќи по еден широк тематски спектар. Притоа, како што вели, она што е најважно е вклучувањето на публиката, потребата од дијалог, потребата од диверзитет на мислења, пресретнување со различното и потенцирање на интересите и на жариштата.
„Тоа е потребата од еден ваков проект – разбивање на стравот, ослободување на јавниот простор или демократизација на јавниот простор низ интерактивна дебата низ сите тие културни продукции. Исто така поместување на границата меѓу авторитетите, интелектуалната елита од една страна, професионалците и експертите, и самата публика или локалното население од друга. “
По Скопје, домаќин на втората дебата од патувачкиот проект „Караван на дебати – Пулсот на општеството“ ќе биде Велес каде, на 28 мај, во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, панелисти ќе бидат писателот Владимир Мартиновски, актерката, професорка и активистка Синоличка Трпкова и нејзиниот колега Васил Зафирчев, а првата серија завршува на 30 мај во Центарот за балканска соработка ЛОЈА, во Тетово, каде ќе говорат и дебатираат со публиката - професорот и активист Артан Садику, теоретичарката на култура Искра Гешовска и актерот Висар Вишка.
„Идејата е оваа платформа да се развива и понатаму и да се патува на повеќе локации во Република Македонија“, потенцира новинарката.
Инаку, интересно е и тоа дека некои од панелистите со нивните искажувања ќе се најдат и на страниците на монографската книга на Ана Јовковска „Пулсот на времето“, чија промоција би требало да се случи на средината на јуни годинава.