Зголемената употреба на говорот на омраза во медиумите и на социјалните мрежи оди паралелно со развојот на политичката криза и истиот може да предизвика штетни последици, предупредуваат упатените во оваа област. Оваа појава е предизвикана од два клучни фактори објаснува комуникологот Марко Трошановски.
Јавноста да не се еманципира во духот на аргументација на своите ставови, туку многу полесно се наклонува кон дисквалификација, етикетирање, говор на омраза и слични реторички средства кои не бараат аргументација туку полесно се справуваат со политичкиот неистомисленик.Марко Трошановски, комуниколог.
„Оваа појава се должи на две работи. Од една страна на отсуството на комуникациска култура кај политичарите, а од друга поради отсуството на политичка дебата во медиумскиот простор. Овие два фактора придонесуваат кон тоа јавноста да не се еманципира во духот на аргументација на своите ставови, туку многу полесно се наклонува кон дисквалификација, етикетирање, говор на омраза и слични реторички средства кои не бараат аргументација туку полесно се справуваат со политичкиот неистомисленик“, вели Трошановски.
Факт е дека говорот на омраза е сè повеќе присутен во медиумите и на интернет порталите, укажува Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби во Советот на етика во медиумите. Додава дека тој многу тешко се контролира, особено на интернетот, каде што е и најприсутен.
Инаку најдобрата контрола би била кога Јавното обвинителство ќе си ги преземе во свои раце ингеренциите што му ги дава законот и при утврдениот говор на омраза да покрене постапка против оној којшто ја искажува. Има предвидени законски казни. Обвинителите треба да седнат и неселективно да почнат да си го работат она за што се платени.Миреч Адамчевски, Комисија за жалби во Советот на етика во медиумите.
„Инаку најдобрата контрола би била кога Јавното обвинителство ќе си ги преземе во свои раце ингеренциите што му ги дава законот и при утврдениот говор на омраза да покрене постапка против оној којшто ја искажува. Има предвидени законски казни. Обвинителите треба да седнат и неселективно да почнат да си го работат она за што се платени“, вели Адамчевски.
Многу често се злоупотребува слободата на изразување и се толкува во смисла дека секој може да каже што сака, но граница има, посочува Трошановски. И таа е до онаа мера до која не ширите говор на омраза, не го рушите уставниот поредок, не етикетирате и дисквалификувате соговорници.
„Во социјалните мрежи како нов и се уште преовладувачки простор на комуникација не постојат механизми коишто би го регулирале тоа. Постои Закон за клевета и сл. Но, нашата култура не е до таа мера развиена, за правно да се санкционираат истите и затоа многу често во виртуелниот простор се злоупотребува слободата на изразување“, вели Трошановски.
Претседателот на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски вели дека нивен предмет на регулација се само радио дифузерите и дека дури и тогаш кога ќе забележат дека одреден медиум користи говор на омраза, оттаму реагираат до Јавното обвинителство кое пак е надлежно да покрене постапка за конкретниот случај. Трајчевски објаснува дека интернет просторот не е предмет на никаква регулација, па оттука се што ќе се каже на интернет просторот е многу сложено да се докаже или законски да се гони.
Мобилизирачката моќ на вирутелните заедници е многу голема, оти филтрите за тоа кој што кажува не постојат. Намерните манипулации и погрешни информации можат да предизвикаат и големи немири во општеството. Адамчевски предупредува на моќта од штетни последици од употребата на говорот на омраза.
„Со употребата на говорот на омраза, се повеќе и повеќе ќе се загреваат страстите и ако излезе ова од контрола, последиците можат да бидат големи, Затоа медиумите треба да си водат сметка што и како пишуваат. Не може да се контролираат пишувањата, но може да се диригираат, или преку уредувачка политика или некакви центри на моќ“, вели Адамчевски.
Инаку од февруари 2014 година во Македонија стапија во сила нови законски одредби кои забрануваат и казнуваат говор на омраза и ширење на материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство , против кое било лице или група врз која било дискриминаторска основа.
Со измените во кривичниот закон, член 319 се предвидува казна со затвор од една до пет години за секој што ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост, врз некоја дискриминаторска основа.