Достапни линкови

Дали е ГДОМ продолжена рака на власта?


За едни ГДОМ, е пропагандна валкана алатка на власта, која обвинува за велепредавство и обележува предавници и злотвори. За луѓе од ГДОМ тоа не било така. Како и да е, некои аналитичари констатираат дека објавување на криминал не е и не може да биде предавство

Му даваме поддршка на секој оној кој сака да ја реши оваа ситуација, да го затворат секој предавник на Македонија, а Заев веднаш да заврши во притвор. Ова се главните пораки што се испраќаат последниве денови од трибините на Граѓанското движење за Македонија кое неделава пушти и список со иницијатива претседателот на СДСМ да биде прогласен за велепредавник.

Власта ги користи нив за да ги каже сите гадости, кои самата заради некаква официјална воздржаност од тој тип на висок говор на омраза не може да го каже, а тие ефикасно тоа го прават со тоа што секоја вечер објавуваат и веќе колку пати настапуваат во јавноста, објавуваат листи за ликвидација, политички, карактерни итн.
Сашо Орданоски, аналитичар.

Уште при нивното формирање кое следеше откако избија аферите Пуч и Прислушување дел од јавноста во нив препозна блискост до владејачката гарнитура. Според аналитичарот Сашо Ордановски чие има се споменува од членовите на движењето во негативен контекст не постои дилема дека ГДОМ всушност е како што вели продолжена рака на власта.

„Власта ги користи нив за да ги каже сите гадости, кои самата заради некаква официјална воздржаност од тој тип на висок говор на омраза не може да го каже, а тие ефикасно тоа го прават со тоа што секоја вечер објавуваат и веќе колку пати настапуваат во јавноста, објавуваат листи за ликвидација, политички, карактерни итн., предлагаат протерувања, апсења и сето тоа, така што нема никакво сомневање дека тоа е една од пропагандните валкани техники кои ги користи Груевски“, вели Ордановски.

Опозицијата била предавник затоа што сака да се бори против криминал, затоа што сака да ги разоткрие.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

Во краткиот телефонски разговор со професорка Виолета Ачковска, која е дел од иницијативата, таа одби да даде изјава, но ги негираше наводите дека се всушност во соработка со власта, инсистирајќи дека таа е историчар која работи исклучиво по сопствено убедување.

Инаку во настапите на членовите на ова граѓанско движење може да се слушнат и термините домашни предавници, шпиони и злотвори кои сакале да ја закрват и поделат Македонија, а го повикуваат народот тоа да не дозволел.

Од когo и како тие ја бранат Македонија, прашува аналитичарот Алајдин Демири, зборувајќи за пораките што ги испраќа движењето.

„Во што е предавството на опозицијата? Опозицијата била предавник затоа што сака да се бори против криминал, затоа што сака да ги разоткрие“, вели Демири кој во врска со најновата иницијатива Заев да биде прогласен за велепредавник додава дека тие немале мандат да прават таква акција.

„По таа логика секоја организација може да собере 10 или 50 илјади потписи за секој политичар и тука се внесува таа нервоза во општеството за да се прикријат работите на власта за да власта се реструктуира и да почне напад“, смета Демири.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG