Господине Батели, како ја оценувате политичката ситуација во земјава?
Морам да кажам дека има загриженост за турбулентните политички случувања во земјата и можам да ви кажам дека мисијата на ОБСЕ сериозно ја следи ситуацијата. Секако дека има потреба од обновување на довербата во правичноста, независноста и самостојноста на државните институции, а засегнатите страни се повикани да го направат тоа.
Ако ситуацијата е, како што велите, сериозна и треба да бидеме загрижени за тоа, што доколку оваа криза продолжи? Какви може да бидат последиците за евроатланските интеграции за Македонија?
Се разбира дека ваквата ситуација не помага. Целосна интеграција е крајната цел, но работата треба да се заврши внатре во земјата. Можам само да кажам дека одговорните фактори во земјата мора да се однесуваат одговорно и да ја вратат довербата во демократските институции. Тие чекори мора да бидат преземени. Вашата земја има драматични искуства од минатото, а проблемите беа решени само кога политичкиот дијалог беше продуктивен и кога сите се согласија што треба да се направи. Сите ние знаеме дека демократијата, поделбата на власта, човековите права, сите тие работи не се дадени еднаш засекогаш. Тие мора да се градат во секојдневната борба. Тоа е тоа.
Господине Батели, сега малку околу функционирањето на парламентот. Што значи парламент без опозиција за демократскиот развој на македонското општество?
Видете, парламентот е местото каде што проблемите може да бидат кажани и решени. Што значи дека доброто функционирање на парламентот е суштинско за да се надминат недоразбирањата. И токму затоа е важно дијалогот да почне на кое било ниво.
Како што веќе е познато, дијалогот неодамна започна во Брисел помеѓу претставници на власта и опозицијата и европските дипломати. Дали овој дијалог го гледате како добар почеток за решавање на кризата?
Се разбира дека тоа може да помогне и сите ние се надеваме ќе биде продуктивно. Но главната поента е тоа дека земјата треба да покаже дека има демократски капацитет за да одговори на ситуацијата, а тоа може да се случи само преку дијалог и одговорно однесување на државното раководство во интерес на сите граѓани. На крајот на краиштата, сите тие се одговорни за граѓаните и нивната безбедност и како и да им овозможат на граѓаните подобра иднина. Ова е нашата задача како политичари и парламентарци.
Господине Батели, не видовме некаков напредок по бриселскиот дијалог. Дали мислите дека овој модел на преговори е добар, или сметате дека за да се постигне конкретен резултат потребно е менување на форматот на едно повисоко ниво?
Знаете, Меѓународната заедница може само да асистира и помага, но работите мора да бидат решени внатре од страна на избраните претставници и демократските институции. Ова е предуслов за да се излезе од критичните ситуации во Скопје или каде било. Секако дека ОБСЕ може да помогне, помагал и ќе помага на тој пат, но дијалогот и зборувањето за проблемите е работа на луѓето во земјата.
Но, дали и покрај сè што се случува дома, гледате шанса за обновување на политичкиот дијалог на домашен терен и дали е тој неопходен за надминување на политичката криза?
Секако дека во моментот е неопходно да се намалат тензиите, а тоа може да се направи само преку функционирање на демократските институции во државата, судството, трите видови на власт, парламентот итн. Ќе биде многу опасно ако ситуацијата ескалира, како што се случувало во минатото. Секако дека е потребна и голема одговорност за да се намали опасноста од потпалување на меѓуетничките тензии во земјата.