Достапни линкови

За жал без странците нема премостување на кризата!


Решение на проблемите не е можно во скоро време, оти разликите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се огромни, коментираат експертите. Но, ништо без помош од странство, додаваат тие.

Штурото соопштение испратено од канцелариите на тројцата европратеници кои го олеснуваат дијалогот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по нивната средба во Брисел, откри само дека тие се договориле месецов повторно да се видат. Тоа што во него нема никакви детали за евентуален напредок во разговорите упатува на веќе очекуваниот исход, дека политичката криза нема да се реши брзо.

Ттреба да признаеме дека ние, за жал, ова сами не можеме да го изодиме, затоа што не е само длабока криза, туку едноставно не функционираат во овој момент полугите на системот, системот е во тотален колапс.
Андреј Жерновски, градоначалник на Општина Центар.

Но и покрај ваквиот развој на настаните градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски е убеден дека таа не може да се надмине без странска помош.

„Проблемот е кога вие претендирате и го уверувате Вашингтон или го уверувате Брисел дека заслужувате да бидете полноправен член на она семејство наречено НАТО и наречено ЕУ, а во исто време барате посредништво и кажувате дека не сте спремни сами да се справите со една политичка криза, мошне сериозна криза, тоа едно со друго не оди и за жал тоа се лоши сигнали, меѓутоа треба да признаеме дека ние , за жал, ова сами не можеме да го изодиме, затоа што не е само длабока криза, туку едноставно не функционираат во овој момент полугите на системот, системот е во тотален колапс“, вели Жерновски.

Тој очекува и преговорите во Брисел на крајот да даделе резултат, оти, како што вели, странците биле свесни дека материјалите не се креирани и дека зад нив не стоеле странски служби.

„Пристапуваат внимателно затоа што ова е длабока криза, секогаш го потенцираат тоа, затоа што имаме власт каква што имаме, но како што ќе проаѓа времето ќе видиме уште поконкретни критики за тоа каква власт имаме во Република Македонија“, вели Жерновски.

И според поранешниот дипломат Ристо Никовски решение на проблемите не е можно во скоро време. За разлика од Жерновски кој очекува граѓаните да го имаат крајниот збор откако ќе биде формирана преодна влада која би ги организира изборите, Никовски инсистира на правна и судска разврска на проблемите, оти, како што вели, тежок криминал е да се слушаат туѓи приватни разговори и да се објавуваат фризирани во јавноста.

„Тешко е да се претпостави начинот на кој ќе се дојде до конечен излез од оваа криза, бидејќи разликите меѓу двете страни се максимални, можноста да се најде некое премостување е релативно тешко“, вели Никовски.

Инаку во интервјуто на Радио Слободна Европа што ќе го емитуваме в недела, Жерновски вели и дека Заев поседувал уште необјавени материјали кои како што додава ќе ја покажале режимската природа на оваа власт.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG