Достапни линкови

Дерала - Како да сум насетил што ќе ни се случува


Со перформанс од мултимедијалниот проект „Криптохроматик“, во кој ќе настапат поетот Џабир Дерала и авторот на илустрациите Мирослав Стојановиќ Шуки, оваа среда, на 25 март, во 21 часот, во скопскиот клуб МКЦ ќе биде промовирана поемата „Пресуда“ која ја отвора темата за судирот на поединецот со светот околу себе. Инаку, ова е последниот издавачки потфат на Игор Исаковски, писател и основач на Културната установа „Блесок“ и 35-ти наслов од едицијата „Бореа“.

Поезијата е орудие коешто уметниците, творците го користат како шило кое продира во иднината.

Вака Џабир Дерала ќе ја започне сторијата во пресрет на промоцијата на својата нова книга „Пресуда“ што треба да се одржи оваа среда, на 25 март, во 21 часот, во скопскиот клуб МКЦ.

Многу често гледаме како некои пораки кои се стари не 20-тина години како голем дел во ова поема, туку и десет пати по толку, изгледаат свежо и актуелно како да се напишани пред некој ден. Затоа навистина имам чувство како да сум насетувал, како да сум знаел што сè ќе се случува во денешно време.
Џабир Дерала, поет.

Станува збор за поема која авторот ја пишувал од почетокот на 1991 до крајот на 1992 година, а која својот финален облик ќе го добие минатата 2014. Публикувано на 80 страници, делото е илустрирано со слики и цртежи на мултимедијалниот уметник Мирослав Стојановиќ Шуки и ова наедно е 35-от наслов од едицијата „Бореа“ на Културната установа „Блесок“.

За неа, непосредно пред својата смрт, Игор Исаковски, ќе запише дека „е силна поема која ја допира темата за потрага по идентитетот во единката, судирот на поединецот со светот околу себе, а сето тоа во едно пред-митолошко време во кое личностите се жртвуваат за некое божемно добро на колективот и дека горчливо, но таквата состојба ја сведочиме и ден-денес, во нашето и во сите други општества“.

Толпата и поединецот можеби се нееднакви според подемот, според гласноста, меѓутоа поединецот е оној кој навистина најмногу вреди. Да, ќе забележите дека толпата е составена од поединци, но јас ќе ви одговорам дека таа конечно има еден свој идентитет кој во старт ги укинува поединците.
Џабир Дерала, поет.

​„Многу често гледаме како некои пораки кои се стари не 20-тина години како голем дел во ова поема, туку и десет пати по толку, изгледаат свежо и актуелно како да се напишани пред некој ден. Затоа навистина имам чувство како да сум насетувал, како да сум знаел што сè ќе се случува во денешно време. Има една визионерска пофалба на времето во еден дел од поемата кој еден од нејзините протагонисти го испева и кој буквално звучи како да се работи за нешто што се случува во денешно време и тоа не само во локални туку и во глобални, универзални рамки“, се надоврзува Дерала.

Авторот вели дека Исаковски имал непогрешливо издавачко чувство кога некаде пред нецели пет години ја одбрал „Пресуда“ за објавување и дека тој точно препознал колку тие стихови можат да бидат свежи и податливи за наново промислување и за во иднина.

Говорејќи, пак, за загатнатата тема – поединецот наспроти светот, Дерала знае да каже дека во неговата поема протагонистите буквално сè што постои во животот и во универзумот уште еднаш го ставаат на сериозен испит. Вели дека „толпи народ го линчуваат некого кој што сака да биде поединец, дека поетот се претвора во молк, а молкот умира...“ Дополнува дека толпата е погледната од аспект кој многу векови наназад, а и сега, е нешто преку кое преовладуваат ниските страсти. Истакнува дека на крајот, сепак, има еден сериозен момент и извлечена е порака во која е бетонирано уверувањето дека поединецот е она што е ги придвижува нештата.

„Толпата и поединецот можеби се нееднакви според подемот, според гласноста, меѓутоа поединецот е оној кој навистина најмногу вреди. Да, ќе забележите дека толпата е составена од поединци, но јас ќе ви одговорам дека таа конечно има еден свој идентитет кој во старт ги укинува поединците. Поединецот, индивидуата се круцијални во овој свет. Толпата кога превзема идентитет на безличност таа секогаш може да прерасне во зло. Индивидуата, поединецот, во своите внатрешни превирања, преиспитувања и потраги по одговорите за постоењето и на постоењето ќе дојде до посериозни, поисчистени, поизбрусени пораки и принципи и мерила за живеење и за однесување во животот“, вели Дерала.

Инаку, како што беше планирано во декември, промоцијата ќе се обистини со перформанс кој дел од мултимедијалниот проект „Криптохроматик“ во кој покрај поетот е и авторот на корицата и илустрациите во книгата, мултимедијалниот уметник Мирослав Стојановиќ Шуки. Нивната соработка трае повеќе од една декада, при што во последниве неколку години обајцата потпишале повеќе различни мултимедијални проекти што самите ги финансирале или ги реализирале со помош на своите пријатели кои имаат некакви ресурси – простор, материјали и слично.

Дерала истакнува дека се надополнуваат на најразлични начини. Дека Шуки е визуелец, а тој во доменот на зборот, но дека и двајцата работат делови од она што другиот го создава. Дека нашле начин да создаваат уметнички креации кои се надополнуваат иако нештата и не мора да ги договараат. Таков еден проект е всушност и „Криптохроматик“ за чие преземање на дел од методологијата за промоцијата биле охрабрени и од Исаковски.

„Криптохроматик“ го работиме скоро цела една година. Тоа е еден мултимедијален проект кој својата промоција во целост нема да ја доживее во реалниот туку во виртуелниот свет. Подготвуваме и една веб страница во која ќе поместиме видео-арт и други креации кои имаат порака, или една од пораките е комплетно преиспитување на некои од основните категории со кои се занимава уметничкиот свет меѓутоа и општеството во поширока смисла на зборот денес. „Криптохроматик“ нема да го извлечеме на површина сè уште затоа што сметаме дека треба да се постават уште две-три коцки во мозаикот за да може да конечно да и го претставиме на публиката. Сепак, охрабрени од Игор, се дрзнуваме само еден дел од проектот да понудиме на оваа презентација“, вели Дерала.

Конечно „Пресуда“ е четвртата по ред книжевна објава на Џабир Дерала, а интересно е и тоа што во почетокот на мај годинава тој планира обелоденување на уште едно дело чиј работен наслов е „Стихови на слободата“.

„Стихови на слободата“ ќе биде со силно изразена социјална содржина, да не кажам „политичка поезија“, потенцира авторот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG