Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски на денешната прес-конференција презентираше нелегално снимени телефонски разговори за изборните нерегуларности во неговата општина.
На премиерот Никола Груевски и на шефот на тајната полиција Сашо Мијалков им било важно да победат во Општина Центар пред сè поради криминалите во проектот Скопје 2014.Андреј Жерновски, градоначалник на Општина Центар.
Тој рече дека човечињата што се држат за раце, како што власта ги нарекува гласачите од Пустец, ги видовме на гласачките места и можевме да видиме каква важност имаат во Општина Центар и оти на премиерот Никола Груевски и на шефот на тајната полиција Сашо Мијалков им било важно да победат во Општина Центар пред сè поради криминалите во проектот Скопје 2014, рече тој. Може да се чуе што сè правеле Груевски и соработниците во изборните кругови и какви планови за злоупотреба на власта и поткуп на советници имале, рече Жерновски.
Во првите разговори, според него, можеа да се слушнат министерот за здравство Никола Тодоров и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, кои разговараат дека министерката не сака да го прими Жерновски на разговор за избирачкиот список.
Во вториот разговор, според Жерновски, може да се чуе како министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески со соговорник разговараат за тоа како известуваат новинарите за одредено писмо во кое фалсификувале потпис.
Во следниот сет на разговори, според Жерновски, може да се чуе што правела власта за да се направат спорни гласовите во Општина Центар и во првиот изборен круг и како сфаќаат дека ќе ги загубат изборите. Според Жерновски, може да се слушнат гласовите на Мијалков и Јанакиески за тоа дека има 220 гласови разлика во Општина Центар.
Во другиот разговор меѓу, според Жерновски, Јанакиески и заменик министерката за правда Билјана Бришковска Бошковски разговараат како од избирачкиот материјал се вадат избирачките списоци.
Беше пуштен и разговор меѓу, како што рече Жерновски, Јанакиески со Ирена Мишева за притисок врз учителки, а потоа и меѓу Јанакиески и Груевски во кој разговараат за гласачите од Пустец и за изборните резултати.
Во последниот трет блок разговори што ги објави Жерновски можеа да се слушнат разговори за нешто што, како што рече, сите го претпоставуваа дека Груевски соработниците бришат податоци од компјутерите во Општина Центар и како вршат поткуп на советници за да обезбедат мнозинство во Општинскиот совет.
Жерновски на крајот рече дека не знае дали треба уште докази за да сфатиме со кого си имаме работа. Груевски, како што рече Жерновски, нема легитимитет да ја води државата и владата. Тој исто така побара оставки и преодна влада и најави нови прес-конференции во останатите општини во земјата.