Достапни линкови

Осуда за изборната злоупотреба на ранливи категории граѓани


Илустрација - Локлани избори 2013.
Илустрација - Локлани избори 2013.

Власта злоупотребувала социјално загрозени групи во општеството во изборни цели, објави СДСМ како дел од нивните „бомби“. Од Хелсиншкиот комитет велат дека владејачките партии злоупотребувале луѓе кои не можат на никој начин да се спротивстават и кои егзистираат од државата. Од здружението на деца без родители велат дека се згрозени од разговорот во кој се зборува за злоупотреба на штитеници на Домот за деца без родители во политички цели.

Списоци на деца без родители кои треба да гласаат за владејачката партија, списоци на затвореници, војници, социјални случаи, пензионери. Ова се само дел од злоупотребите што ги правела власта, тврди СДСМ.

Во фокусот на владејачките партии биле луѓе кои не можеле на никој начин да се спротивстават, кои егзистираат од државата и коишто не можат на никаков начин ниту да го пријават тоа што им се случува поради нивната позиција во општеството.
Уранија Пировска, Хелсиншки комитет.

Директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска вели дека разговорите само го докажуваат сето она за што тие многупати досега пишувале во нивните извештаи по изборните процеси.

„Она на што ние укажувавме, а до кои сознанија дојдовме преку јавување на граѓани, се потврди дека е сосема точно, меѓутоа бескурпулозноста се состои во тоа дека во фокусот на владејачките партии биле луѓе кои не можеле на никој начин да се спротивстават, кои егзистираат од државата и коишто не можат на никаков начин ниту да го пријават тоа што им се случува поради нивната позиција во општеството“, вели таа.

Во еден од разговорите што ги објави СДСМ, како што велат, разговараат директорката на Домот на деца без родители и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Таа му реферира колки гласови се собрани од полнолетните штитеници на домот.

Женски глас: Имаме значи две деца што имаат лична карта на Скопје тие ќе гласаат тука во домот, другите имаме уште 6 дечиња што се полнолетни, меѓутоа и они сакаат, ако им се плати патот би оделе да гласаат за Груевски, буквално така викаат.

Машки глас: Оти патот ако им се плати?

Женски глас: Има едно дете во Виница... три во Куманово, едно во Гостивар и едно во Охрид.

Машки глас: Вака вака кажи им ќе им платиме нека си дојдат со сметките, со сметко потврда и ќе им рефундираме пари лично.

Директорката на Домот за деца без родители „11 октомври“ Ристенка Атанасова, во изјава за НоваТВ, вели дека нема ништо спорно во разговорот со Миле Јанакиески, затоа што, како што вели, во разговорот никаде не стои дека децата ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, туку да излезат да гласаат, што е нивно законско право, а тие само им помогнале финансиски за одат и да гласаат, вели директорката на Домот.

Никакви списоци не сум давал, никакви места на живеење од поранешните штитеници, кој сака нека е, дали е Јанко или Петко на власт, јас лични податоци не злоупотребувам.
Илија Јовановиќ, Здружение на деца без родители „Градиме иднина“.

Илија Јовановиќ од здружението на деца без родители „Градиме иднина“, кој беше спомнат во телефонскиот разговор, дека може да достави список на поранешни штитеници кои не живеат во Домот, вели дека доколку директорката не се извини, тој ќе поднесе кривична пријава против неа. Тој вели дека е згрозен од разговорот и од тоа што се злоупотребува неговото име, со што, како што вели, се нанесува штета на неговиот углед и сето она што го работел со години. Јовановиќ вели дека досега никој не му барал списоци, не му вршел притисок за кого да гласа.

„Никакви списоци не сум давал, никакви места на живеење од поранешните штитеници, кој сака нека е, дали е Јанко или Петко на власт, јас лични податоци не злоупотребувам. Апелирам од сега директорите на Домовите и згрижувачките семејства, Центрите за труд и социјала и останатите институции ги молам да не ги злоупотребуваат децата без родители на ваков начин, со користење за политички поени“, вели тој.

Во разговорите објавени вчера, како што вели СДСМ, можеше да се слушне, како министерот Миле Јанакиески бара од директорот на затворот Живко Пејковски затворениците да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.

Машки глас 1: За гласањава сакав да те прашам со затворенициве како оди?

Машки глас 2: Е па еве се организираме во сабота ќе гласаат тие. Беа пред некој ден од избирачките одбори дојдени, се договаравме и сабота ќе гласаат тука.

Машки глас 1: Имаш контрола?

Машки глас 2: Да да да.

Потоа се бара и војници да гласаат за владејачката партија. Се прават притисоци и врз социјални случаи, пензионери, вработени во институции, а можеше да се слушне и за тоа дека се гласало во име на починати лица.

Пировска вели дека во текот на изборите имале јавувања од затвореници, од стари лица кои се сместени во домови, кои биле злоупотребувани и им било укажувано за која партија треба да гласаат, односно да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.

„Станува збор не само за непостоење свест за тоа дека токму ранливите групи се они што треба да бидат посебно заштитени, туку станува збор и за грубо кршење на службените овластените од страна на високи владини функционери“, вели Пировска.

Таа вели дека од Хелсиншкиот комитет после објавените снимки ги нотирале кривичните дела објавени во разговорите, по што ќе излезат со своја анализа на работите.

„Верувам дека Јавниот обвинител барем сега во ваква состојба на работите ќе го преземе она што е во негова надлежност, сите оние луѓе коишто се воедно и високи владини функционери треба да одговараат за кривичните дела што ги сториле“, вели таа.

Пред една недела премиерот Никола Груевски им подели решенија за вработување во државната и јавната администрација на 30 лица кои до 18 година имале статус на деца без родители и родителска грижа.

„Со доаѓањето на оваа Влада настана нова ера за децата и луѓето кои израснале без родителска грижа. За нас, вие сте еден од основните приоритети во нашите социјални политики, рече тогаш премиерот Никола Груевски.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG