На вчерашната трибина во Универзалната сала, заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, излезе со конкретни предлози за тоа што тие ќе прават ако дојдат на власт. Таа објави дека планираат да се фокусираат на деполитизација на институциите односно дека МРТВ ќе биде независна и оти нема да има нарачани прилози, а министерствата нема да бидат партиски штабови.
Тоа значи сите европски вредности да почнат објективно да се градат, не да се залажуваат граѓаните со години дека туку што не сме направиле се, ама името е проблем.Тито Петковски, НСДП.
Тито Петковки од НСДП оценува дека е важно во овој момент да се воспостави антипод политика на онаа што ја спроведува владеачката структура, бидејќи се видело дека институциите, како што рече, се закржлавени и не ги исполнуваат ниту основните копенхагенски критериуми за влез во ЕУ. Тој додава дека сериозното прашање за деполитизација на институциите е план на опозицијата и од негов поглед тоа би значело измена на законот за МРТВ.
„Тоа значи сите европски вредности да почнат објективно да се градат, не да се залажуваат граѓаните со години дека туку што не сме направиле се, ама името е проблем. Тоа практично ќе значи да се измени законот за МРТВ, управниот одбор, надзорниот одбор на МРТВ да го составуваат луѓе со морален и професионален кредибилитет.“
Тие беа на власт и кога ја практикуваа власта скоро идентично владееја како што и ВМРО-ДПМНЕ, нема никаква разлика тогаш и сега, така да не верувам дека нешто ќе променат бидејќи за тоа требаат и системски промени и промени во Уставот, во законите.Павле Трајанов, Демократски Сојуз.
Павле Трајанов од Демократскиот сојуз вели дека нема позитивен однос кон кажувањата на Шеќеринска оценувајќи дека се работи за партиски ставови и погледи.
„Тие беа на власт и кога ја практикуваа власта скоро идентично владееја како што и ВМРО-ДПМНЕ, нема никаква разлика тогаш и сега, така да не верувам дека нешто ќе променат бидејќи за тоа требаат и системски промени и промени во Уставот, во законите“, вели Трајанов.
Искуството покажува дека партизација на институциите и сите сегменти во општеството произлегува од системот кој е втемелен години наназад и вклучува контрола на се во општеството, велат експертите.
Политичкиот аналитичар Горан Илиќ е загрижен од овој тренд и вели дека клучот на успехот во Македонија е во дерегулирање и деконтрола на сите аспекти на системот.
„Дефинитивно треба длабок рез во политичката матрица на секоја политичка лига во Република Македонија, да го направи тој чекор. Тој чекор ќе биде од максимална корист за државата и за граѓаните, бидејќи на таков начин ќе се департизираат институциите, вклучително и МРТВ, судство итн. Тука во прашање е некој покрупен процес на којшто носители можат да бидат луѓе кои имаат висока демократска свест.“