Насловот на нашата информација „Студентите со хиперенергија за нов почеток“, за неодамнешниот масовен студентски протест против државниот испит и воопшто, против владините реформи во образованието за Зоки од Скопје е проблематичен и прејудицирачки. За Зоки тоа било „ставање белези на децата прекрасни“ и дека тоа било граѓански протест и покрај тоа што „дојдоа користољупците за да се сликаат со нив“, како што напишал. „Едни ги заокружуваат, други, пак, ги бележат и кој губи - студентите. И двете страни да престанат битки преку нивниот грб да тераат, срамота е!“
За толку се барем способни, не ги правете малоумни зашто се многу попаметни од вас.Коментар на читател.
И Јосиф Давидов ги моли сите политичари, од ВМРО до СДСМ, да ги остават студентите на мира за да си ги кажат своите маки. „За толку се барем способни, не ги правете малоумни зашто се многу попаметни од вас“, напишал Јосиф Давидов.
Незабеган извикува: „Македонијо, разбуди се!!!!“ по информацијата за тоа дека „Студентите протестираа“,а за Гоца од Скопје ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ биле соработници кои работат против македонските национални интереси, па ги набројува знамето, името, наметнувањето бугарски симбол за државен грб, а сега, вели, „сакаат да го контролираат и високото образование за да создадат едноумие и да ја урнат еминентноста на професорите и научниците!“
Да не одеа по тие роуд шоуа немаше никаде да одат бидејќи никој од странските државници не ги кани.Коментар на читател.
„Да не одеа по тие роуд шоуа немаше никаде да одат бидејќи никој од странските државници не ги кани“, ја коментира Петар од Скопје нашата информација за тоа дека сме „Први по роуд шоуа, а последни по привлечени странски инвестиции“. Иван, пак, кој се посомневал дека Радио Слободна Европа на македонски нема да му го објави коментарот, забележува дека сме користеле сè исти, па исти експерти и дека и тие знаеле некои работи од економските законитости, но дека „нивното свесно „незнаење“ се лепи за ушите на вашата публика“.
Атмосферата на страв го мати умот на Македонецот е темата изработена во нашата редакција врз основа на најновото истражување на Македонскиот центар за европско образование за стравовите во Македонија. За Пиле во земјава владеат партизација на институциите и прогресивно изгубена доверба кај нив од страна на граѓаните, политички прогонства и видливи прекршувања на Уставот, медиумски мрак, „па и не може да се очекува ехото од гласноста да допре до секој граѓанин за потребна промена на курсот по кој оди земјава“.