Достапни линкови

Ако не си ја решиме кризата сами, ќе ни ја решава друг


Колку и да е длабока политичката криза, на крај ќе мора да има политички договор. Ако тој не успеат да го постигнат македонските политички елити, ќе треба да се вклучи меѓународниот фактор.

Да се седне на заедничка маса е прв чекор за решение за излез од политичката криза, изјави градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, по едночасовната средба во неговиот кабинет со амбасадорот на САД, Џес Бејли. Како што рече Жерновски, заклучено е декa се неопходни чекори и од власта и од опозицијата за да се врати довербата во државата.

Првиот многу битен чекор би можел да биде именување на лице коешто ќе биде навистина независен јавен обвинител.
Андреј Жерновски, градоначалник на Општина Центар.

„Влегуваме полека сите, и како домашен фактор и како надворешен фактор, во една многу чувствителна фаза, а тоа е фаза кога ќе мора да се најдат решенија од оваа длабока политичка криза и ќе мора на крај да се седне на маса и да се преговара. Бев прашан и го кажав тоа јасно дека првиот многу битен чекор би можел да биде именување на лице коешто ќе биде навистина независен јавен обвинител“, рече Жерновски.

Ако самите не сте во состојба да си ги решите работите дома, никој од страна нема да ви ги реши така како што вие би си ги решиле.
Саво Климовски, универзитетски професор.

Тој дополни дека не е добро Јавен обвинител да биде странец и дека е тешко да се најде вакво лице, но оти сепак има чесни луѓе во судството.

По разговорите, договорен е натамошен контакт во интерес на двете држави.

Дел од експертите излезот од политичката криза го гледаат во посредништво од надвор, но има такви кои нагласуваат дека ваквиот чекор не е поволен за имиџот на државата. Професор Саво Климовски вели дека клучот на решението меѓу другото го гледа во зрелоста на политичките елити да отпочнат дијалог.

Опцијата со вклучување на нашите меѓународни партнери останува единствената која дава надеж дека нешто може да се среди.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

„Искуството нè учи, а тргнува од народната мудрост, дека ако самите не сте во состојба да си ги решите работите дома, никој од страна нема да ви ги реши така како што вие би си ги решиле и инсистирам на што поитна правна разврска во врска со ова прашање“, вели Климовски.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу сепак смета дека неминовно ќе биде посредништво од надвор за излез од политичката криза и оти тоа ја одразува неспремноста на политичките елити за справување со ситуацијата.

„Опцијата со вклучување на нашите меѓународни партнери останува единствената која дава надеж дека нешто може да се среди. Колку и тоа да изгледа разочарувачки, сепак тоа е вистината за која во некој период ќе треба да сносат одговорност и нашите политички елити за сето тоа непокажување спремност кога се потребни тешки одлуки, тие да застанат на своето место“, вели Муслиу.

Инаку ДУИ, исто како и СДСМ, бара меѓународна поддршка за излез од кризата додека, пак, ВМРО-ДПМНЕ оцени дека разговорите кои ги пушта СДСМ се монтирани.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG